17. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Многу од змиите на Водно или покрај реките не се отровни и не се опасни за луѓето, укажуваат еколозите

Повеќето од змиите што граѓаните ги среќаваат на Водно или покрај реките и водата не се отровни и не се опасни за здравјето на луѓето, велат од Македонското еколошко друштво (МЕД) по објавата за поголемо присуство на змии во околината на Скопје.

Друштвото потсетува за корисната улога на овие животни во природното контролирање на глодачите, кои се дел од нивната главна исхрана.

Во Македонија постојат 16 видови змии, од кои само 3 се отровни. Единствено, поскокот може да се сретне во урбани средини, а шарката и степската лутица (види фото) се присутни само на надморска височина поголема од 1.500 м, и тоа само на некои планини во земјата.

Многу смокови се шарени, па често погрешно се нарекувани шарки. Единствената отровница која е широко распространета кај нас е поскокот, кој лесно се препознава по рогот на врвот од главата, шарите во форма на баклави на грбот (обоени во разна варијација на црно, сиво, црвено, кафеаво, портокалово, жолто – видете го краткото видео тука) и големината – поскоците ретко достигнуваат должина поголема од 70 см, но најчесто се среќаваат единки од приближно 50 см. Доколку змијата е подолга од 1 м, таа е безопасен смок. Во Македонија има дури 11 видови смок, една боа (малечка несмасна змија, која главно живее под земјата и може да се сретне само во крајните југоисточни делови од државата) и една црвовидна змија, која е целосно безопасна и секој лаик на прв поглед би помислил дека е црв.

Според Драган Арсовски, биолог од МЕД, доколку се постапи на правилен начин, дури и при каснување од змија отровница луѓето би поминале без компликации:

„Доколку се случи каснување од поскок, ако човекот нема други здравствени проблеми и се јави за медицинска помош истиот ден, тој би поминал без никакви компликации за здравјето.“, изјави Арсовски.

Фотографии, точно распространување низ Македонија, како и повеќе за биологијата, екологијата и за степенот на засегнатост на змиите во нашата држава може да најдете на првата национална црвена листа на Македонија на следната веб-страница: http://redlist.moepp.gov.mk/pregled-na-vidovi/ (влечугите се наоѓаат на дното од листата)

Инаку, напролет ладнокрвните влечуги излегуваат од долгиот зимски сон (хибернација) и се најактивни бидејќи тогаш е нивниот период на размножување, односно тие се во потрага по партнер. Затоа, овој период се и најчести средбите со овие животни. Еден од најраширените митови за змиите е дека се најактивни кога е најтопло. Змиите, како и најголемиот број влечуги, не може да ја контролираат сопствената температура, па тоа го прават преку сончање или барање засолниште. Кога е многу ладно, тие може да замрзнат, па затоа се засолнуваат и хибернираат, а кога е претопло, тие се во опасност од прегревање и смрт поради што исто така бараат засолниште и во екстремно топли периоди може целосно да ја намалат својата активност и да влезат во т.н. летна хибернација, односно естивација.

Налето змиите најчесто може да ги видиме само непосредно по изгрејсонце (помеѓу 5 и 7 часот), а некои безопасни видови се исто така активни на зајдисонце или дури и навечер. Змиите најчесто веднаш бегаат при средба со човек. Тие немаат изострено сетило за вид, па понекогаш може да се случи да бегаат во правецот на самиот човек и ова може да биде збунето со напад. Отровниците, како што е поскокот, најчесто се вкочануваат при средба со човек. Во овој случај слободно земете долг стап и отстранете ги од просторот. Во Европа не постојат змии што активно напаѓаат за одбрана на својата територија или гнездо – каснувања се случуваат исклучиво кога ненамерно ќе се приближиме (на пр,. при згазнување со боса нога или при земјоделски активности во близина на земјата или на ниски гранки, каде знаат да се камуфлираат добро).

Како и поголемиот дел од биодиверзитетот, така и змиите не се снаоѓаат добро во урбани средини и лесно завршуваат под тркалата на колите. Така, средбите со змии се среќаваат во делови од градот кои се блиску до природа (на пр., подножјето на Водно или приградски места), каде што нема голем метеж, но човечката активност може да привлече поголем број глодачи, кои се нивен оброк.

„Всушност, може да се каже дека не се змиите оние што доаѓаат во нашите градови, туку со градежната експанзија ние навлегуваме во нивните природни живеалишта, како што е Водно. Во централните делови од градовите понекогаш може да се сретнат водни змии, особено покрај реки и бари. Другите змии, доколку залутаат во овие делови од градот, ретко преживуваат доволно долго. Водните змии се всушност смокови, кои се исхрануваат со риби и водоземци и затоа не е неочекувано да се сретнат на кејот во Скопје, особено покрај градскиот парк, и тие се целосно безопасни“, додава Арсовски.

Змиите играат клучна улога во нашите екосистеми, првенствено како контрола на популациите на глодачите (како што се глувците) и се екстремно корисни. Голем број змии се хранат со други змии, односно ги контролираат нивните популации. Ова е точно и за поскокот, кој често се исхранува со младите од други змии. Така, убивањето на змиите, всушност, често би значело и зголемување на популацијата на друг вид змија.

Нема никаков научно докажан ефект од продуктите што се рекламираат и продаваат како средства против змии и тие може само да предизвикаат загадување на околината, така што не ги препорачуваме. Во Македонија не постои сервис за отстранување змии, главно бидејќи, едноставно, не постојат видови што се многу опасни.

Инаку, МЕД ги проучува природните популации од овие животни. Препорачуваат да го чувате вашиот двор уреден како не би создале места, кои змиите би ги користеле како засолниште, а кога се движите во природа, да имате стапче и соодветни планинарски обувки.