25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Лекарската комора: Говорот на омраза кон лекарите е на штета и на пациентите

Лекарската комора ги осудува јавните вербални навреди, напади и притисоци врз лекарите и лекарската професија, како и неоснованите обвинувања за направена лекарска грешка, што се зачестено присутни во медиумите и социјалните мрежи.

„Апелираме да престане секојдневниот и голем притисок врз докторите од ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола, кој е присутен иако инспекцискиот и стручниот надзор, како и извештајот на Судска медицина не утврдија лекарски грешка и стручен пропуст во лекувањето и не е констатирана причинско – последична врска меѓу терапијата која била дадена на 5-годишната пациентка и исходот од лекувањето.

Во такви услови, целосно е неоправдано континуирано да се создава јавно мислење дека сите лекари во нашата земја, вклучително и во болницата во Битола, работат нестручно и несовесно. Процесот на создавање на лекар трае долго време и бара посветеност, континуирано учење и залагање, што е голема инвестиција на самиот лекар, неговото семејство, но и на образовниот и здравствен систем. Истакнуваме дека најголем дел од лекарите професионално, одговорно, стручно и посветено секојдневно се грижат за здравјето на пациентите во условите кои постојат во здравствениот систем. Не постои доктор кој не сака да го излекува својот пациент“, додаваат во реакцијата.

Докторите, како најважен чинител на здравствениот систем, како што велат, мора да бидат еднакво заштитени и почитувани без разлика дали се дел од јавното или приватно здравство, затоа што сите се образуваат на истите факултети и најчесто најголем дел од својот професионален развој го достигнуваат во јавните здравствени установи. Иако јавното здравство се соочува со предизвици во однос на расположливите ресурси, докторите од Клиничка болница во Битола, а и во сите други јавни здравствени установи, секојдневно се обидуваат да пронајдат начини како да се подобрат условите, да не се затвораат одделенија и да им се овозможи на пациентите подобра здравствена заштита со поголемо обострано разбирање и трпение. Оценуваат дека неоправданиот притисок што се прави врз лекарите создава услови за нивно заминување од јавното здравство, што е примарно на штета на пациентите.

Лекарската комора ја истакнува и важноста, медиумите и новинарите кои влијаат врз креирање на општото јавно мислење да ги почитуваат професионалните стандарди при известувањето за лекувањето на пациенти и да пренесуваат проверени информации од официјални извори, со почит кон пациентите и нивната приватност. Ширењето на шпекулации и до крај непотврдени информации прави поширока општествена штета.

„Изразуваме жалење и разбирање за болката на пациентите и нивните семејства, но потенцираме дека состојбите нема да се подобрат со ширење говор на омраза кон лекарите и споделување на нестручни проценки и тврдења. Надлежните институции се единствени во земјата коишто даваат официјално, стручно мислење врз основ на факти и тие се единствен извор на точни и прецизни информации за настанатата состојба. За одржливост на здравствениот систем ја истакнуваме важноста лекарите и пациентите да ги почитуваат одлуките на институциите, а истите да постапуваат ажурно и кога ќе се утврди лекарска грешка, но и кога лекарот ќе биде неосновано напаѓан и обвинуван“, истакнуваат од Лекарската комра.