17.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈАИЗБОР

Дерала: Кој тоа ги крши човековите права на шефот на ВМРО-ДПМНЕ?

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Шефот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, инаку и универзитетски професор и поранешен советник за енергетика на експремиерот Никола Груевски и своевремено сопственик на неколку хидроцентрали во земјава, повторно се впушти во лична пресметка со мене на социјалните мрежи, овој пат охрабрен од првостепената одлука на судот со која пресуди (делумно) во негова корист.

Тој на 20 јуни напиша:

Вака изгледа срамот од лагите на власта, уште еднаш осудени се дека клеветат.

На големиот христијански празник Прочка водеа кампања со лаги, навреди и измислици по кој знае кој пат овие пет години, против мене и моето семејство. Сакаа да ме изедначат со нив и претстават како политички профитер и криминалец. За таа цел СДСМ и ДУИ ги вклучија сите свои медиумски слуги да ме навредуваат мене и честа на моето семејство со лаги, измислици и конструкции. На тој подол начин мислеа дека ќе спечалат на краток рок некој политички поен. Не успеаја…, а денес ја добив пресудата во прв степен, а еден од тие медиумски слуги е осуден дека сторил клевета, со изнесување невистини и се задолжува на негов трошок да ја објави пресудата во еден дневен весник.

www.frontline.mk го прекршил членот од 8 од ЕКЧП како и кодексот на новинари на Македонија.

Можеби мала утеха, но доволна за лична сатисфакција…

Објава на ФБ профилот Христијан Мицкоски, 20 јуни 2023
Ве молам, обрнете внимание на овој отекст. Не го пишувам заради мене. Во овој случај постојат опасни преседани кои може да имаат долготрајно негативно влијание врз работата на медиумите и слободата на говорот воопшто.

Пред сè, Мицкоски со коментирање и цитирање на неправосилната пресуда ја доведува јавноста во заблуда дека, наводно, тоа е свршен чин и „правдата“ е на негова страна. Притоа, лаже и се заканува. Тој добро знае што прави, а најмала грижа му е моралот.

Дозволете ми да се обидам, во неколку точки, да предупредам на опасностите што се кријат зад ова однесување на шефот на ВМРО-ДПМНЕ и на можните последици по слободата говорот во нашата земја во иднина.

LOOK WHO’S TALKING?
Ќе започнам со првата реченица од неговата најнова објава против мене.

Вака изгледа срамот од лагите на власта, уште еднаш осудени се дека клеветат, напиша тој.
Како и зошто Мицкоски го употребува изразот „лагите на власта“?

Според Мицкоски, медиумите „природно“ ѝ припаѓаат на власта – тоа е му е наследство од диктаторот Груевски. Затоа што кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, сѐ беше дел од нивниот плен. Заробената држава, контролираните медиуми, уценети и преплашени луѓе, присвоени пари и имоти беа дел од сликата за нашата земја нешто повеќе од една деценија. На избори „фаќаа за уши“. Луѓето, нивните души, ги купуваа или заробуваа со пари, заплашување и насилство.

Мицкоски живее во херметички затворена партиска матрица, не може ни да замисли дека може да постои нешто надвор од неа.

Да се послужам со дел од неговите изрази: Вака, всушност, изгледа срамното продолжение на една клика која не прави разлика меѓу медиуми, граѓанско општество и власт.

Мицкоски и неговата партија предизвикаа огромна штета дејствувајќи против клучните македонски процеси во изминатите години. Тој предводи политичка партија која засекогаш ќе остане запаметена како носител на режимот што ја зароби државата (2006-2016), крвавиот напад на парламентот (27 април 2017), опструкциите на Преспанскиот процес (2018-2019), антиевропските протести (јули 2022), блокирањето на уставните промени за продолжување на ЕУ интеграциите (2023) и низа други неславни постапки.

Денес, неговата партија окупира голем дел од парламентарната власт, а тој претендира да биде премиер веќе седум години. Како извлекува знак на равенство меѓу еден новинар/уредник и претставник на граѓанска организација – тоа само тој знае. Такво равенство, особено во овој случај е невозможно и тоа го знае секој што барем малку е информиран. Некој би рекол: Look who’s talking?

БОЖЕСТВЕН СТАТУС
Како и во првата објава на социјалните мрежи, со која ја започна политичко-судската хајка против мене, шефот на ВМРО-ДПМНЕ се повикува на религијата. Тој, едноставно, не се воздржува од поигрување со религиозните чувства на граѓаните.

На големиот христијански празник Прочка водеа кампања со лаги, навреди и измислици по кој знае кој пат овие пет години, против мене и моето семејство, пишува тој.
Зошто му е важно дека нешто било напишано за него на „голем христијански празник“? Се разбира, тоа е целосно неважно во целиот контекст, но тој има цел да испровоцира говор на омразата по верска основа. Манипулира, иако не многу успешно, со верските чувства на граѓанките и граѓаните, за да ги привлече симпатиите на јавноста на своја страна и да ужива во „заштитата“ на религијата.

Крајното исходиште на таа порака е дека критиките кон него се малтене богохулие, а дека тој е божји човек. Тој синдром не е нов. За неговиот претходник, Груевски се пееја песни, а негови коалициски партнери во говорите велеа дека е пратен од небото. Мицкоски сè уште е многу далеку од таков божествен статус, но амбицијата е очигледна и јасна.

КОЈ ТРЕБА ДА СЕ ИЗВИНИ?
Првиот вмровец ликува дека добил судски спор (првостепено). Притоа, тој се служи со лаги, манипулира со фактите, поттикнува говор на омразата, се заканува и дискредитира.

Сè започна со еден текст што е пренесен на неколку портали, па и на оние во кои јас сум одговорното лице. Неговата реакција беше крајно несоодветна. На социјалните мрежи се појави негова објава со која навредуваше, клеветеше и се закануваше. По таков непримерен и груб напад, беше под нивото на моето лично и професионално достоинство да му се извинувам. Напротив, убеден сум дека за таквата објава, всушност, тој треба да се извини, а не јас! Тоа и го напишав во мојот одговор кој го објавив и јавно, под насловот „Не само што нема зошто да му се извинам на Мицкоски, туку јас барам извинување од него“.

Тие што ги читаат интернет порталите за кои сум одговорен, добро знаат дека секогаш кога ќе погрешиме, уредно се извинуваме и соработуваме со медиумските саморегулаторни тела. Грешки се случуваат, некогаш и груби, но од одговорноста не сум бегал никогаш.

И да не се заборави: Мицкоски прво ме нападна јавно, ме навредуваше и ми се закануваше, а потоа поднесе две тужби против мене за пренесен текст. Тоа е тоа.

КОЈ РЕЧЕ ДЕКА ГОСПОДИН МИЦКОСКИ Е ПОЛИТИЧКИ ПРОФИТЕР И КРИМИНАЛЕЦ?
Сакаа да ме изедначат со нив и претстават како политички профитер и криминалец, пишува шефот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа не е точно. Мицкоски сам си измисли дека во „спорните“ објави бил наречен профитер и криминалец. Зошто ли му беше потребна оваа измислица?

Тие изрази ги нема во пренесениот текст кој тој го користи за да ја започне својата голема кампања против мене, но и против слободата на говорот во нашата земја.

„Сакаа да ме изедначат со нив“ укажува на потребата на Мицкоски да ги поистоветува работите, да ги турка во еден кош, за да постигне ефект кој нему му одговара. Добро познат метод на авторитарните ликови во историјата и денес.

И оваа реченица во неговата објава претставува опомена до секој што ќе го оквалификува како „политички профитер и криминалец“. Ако така го наречете, ќе добиете линч на социјалните мрежи од него и од неговите следбеници, но ќе завршите и на суд.

ТИЕ ШТО ГО КРИТИКУВААТ МИЦКОСКИ СЕ МЕДИУМСКИ СЛУГИ И СЕ СЛУЖАТ СО ЛАГИ, ИЗМИСЛИЦИ И КОНСТРУКЦИИ
СДСМ и ДУИ ги вклучија сите свои медиумски слуги да ме навредуваат мене и честа на моето семејство со лаги, измислици и конструкции, пишува тој.
Тој, како што објаснив и погоре, ги политизира нештата. Тој е влезен во матрицата во кој сè е партија. Пораката (опомената) се состои во тоа дека, ако го критикувате Мицкоски, тогаш мора да сте СДСМ и/или ДУИ и дека сите што не се согласуваат со него, всушност, го навредуваат него и неговото семејство и дека тоа се „лаги, измислици и конструкции“. Но такво нешто е возможно само во светот на авторитарните политичари кои ја отфрлаат демократијата, а често и воопшто не ја разбираат.

Значи, тие што го критикуваат Мицкоски се медиумски слуги и се служат со „лаги, измислици и конструкции“. Лош му е тој израз „медиумски слуги“, но за тоа нека мислат неговите партиски слуги во медиумите.

Сака да биде главен опозиционер, но има голем проблем со критиката. Ве потсетува тоа на нешто (некого)?

ДА ГО ТУЖАМ ЛИ МИЦКОСКИ?
„…денес ја добив пресудата во прв степен, а еден од тие медиумски слуги е осуден дека сторил клевета“, напиша Мицкоски.
Од непознати причини, го изоставил моето име од текстуалниот дел на неговата објава, но од скриншотовите во неговата објава сосема е очигледно дека со ова мисли на мене. Што треба сега да направам? Да го тужам за навреда поради изразот „медиумски слуги“ и за други, уште потешки навреди и закани во оваа и претходната објава на социјалните мрежи? Заслужува тужба, секако. Во секој случај, овој груб напад против медиумите заслужува крајна осуда. Затоа што не сум само јас таргетот.

ДОЛГОГОДИШНО ЗАПЛАШУВАЊЕ И ОЦРНУВАЊЕ НА НЕИСТОМИСЛЕНИЦИТЕ
Мицкоски и машинеријата што стои зад него веќе со години ревносно работат на тоа да ги заплашат и целосно да ги оцрнат (дискредитираат) сите што ќе се осмелат да напишат или да кажат нешто што ним не им оди во прилог.

Јас немам ниту толку пари, ниту толку можности како што има тој (голема и богата политичка партија стои зад него), за да се впуштам во нови судски процеси.

Но тоа што можам да го направам, а сметам дека е и моја должност е да ја алармирам јавноста дека таргетот не сум само јас, туку слободата на говорот. И да му порачам: Јас не се плашам. Макар и сам да останам – јас не се плашам.

ОПАСЕН ПРЕСЕДАН. ДЕНЕСКА СУМ ЈАС, УТРЕ НЕКОЈ ОД ВАС.
Мицкоски со триумфализам коментира и селективно ја цитира неправосилната судска пресуда, што е непримерно, особено имајќи ги предвид пропорциите на општествените позиции – шеф на голема политичка партија со 44 пратеници во парламентот и претендент на премиерска функција против новинар/уредник во интернет медиуми и претставник на невладина организација. За пренесен текст!

Кога веќе тој се впушти во коментирање, сметам дека е важно да се алармира јавноста за уште еден опасен преседан. Мицкоски е задоволен со пресудата, бидејќи, како што ја интерпретира тој, судот ја потпира својата одлука врз „членот од 8 од ЕКЧП како и кодексот на новинари на Македонија“ (ЕКЧП – Европска конвенција за заштита на човековите права).

Член 8 од ЕКЧП
Право на почитување на приватниот и семејниот живот
Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.
Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.
Што значи ова, почитувани граѓанки и граѓани?

Ова значи дека секој што некогаш ќе се осмели во иднина да напише нешто што не му одговара на Мицкоски или било кој друг политичар, може да биде суден и осуден според овој член, па нека се работи и за пренесена изјава или текст, за што во македонските закони не е предвидена одговорност.

Јас не можам, дури и да сакам, да ги повредам човековите права на Мицкоски. Напротив, тој има позиција која тоа му го дозволува. Таа позиција тој со леснотија ја користи и ги загрозува човековите права и слободи со злоупотребата на функцијата, судот, медиумите и социјалните мрежи.

Проценете сами, денеска жртвата сум јас, но утре тоа може да биде било кој друг што не е по мерка на Мицкоски и неговите!

НЕБУЛОЗА
Јас сум му ги кршел човековите права на Мицкоски? И тоа, ни помалку, ни повеќе, туку според Член 8 од Европската конвенција за заштита на човекови права!

Шефот на партијата чиј режим незаконски прислушуваше илјадници луѓе е жртва на кршење на човековите права според член 8 од ЕКЧП… Неверојатно! Како е можно тоа? И дали тоа е можно во било која смисла на зборот?

Неколку други сериозни недостатоци ја придружуваат судската првостепена пресуда, но ова, според мене, претставува опасен преседан кој се прави и кој ќе има далекусежни последици доколку пресудата стане правосилна. Најблаго кажано: НЕБУЛОЗА која ќе стане пракса и од која ќе настрадаат сите што се обидуваат да мислат, пишуваат, говорат и дејствуваат спротивно на идеите и плановите што Мицкоски ги има за светот околу себе. И во чиј центар, се разбира, се наоѓа тој.

ЛИЧНА ПРЕСМЕТКА И ПОВЕЌЕ ОД ТОА
Малку и за „транспарентноста“ на шефот на ВМРО-ДПМНЕ. Тој не одговори на околу 200 прашања од мене и редакциите во кои работам во изминатите седум години. Не одговори ниту на десетина покани за интервју. Прашањата и поканите му беа испратени по мејл, по пошта, лично предадени на портирницата на нивното седиште. И во видео формат, преку колумни и текстови – јас и моите колешки и колеги сме го барале да одговори на важни прашања за општеството и државата. Меѓу нив има и прашања за тоа како успеа, со плата на универзитетски професор, да стане сопственик на толку хидроцентрали, на пример.

И во овој спор, тој, освен со лаги, манипулации и закани, не се одбрани со ништо друго.

Од друга страна, Мицкоски и неговата партија, преку нивните „Оливери“ медиуми и слични на нив (вклучително и дел од „европските“ невладини), водат невидено црна кампања против новинарски имиња, редакции и граѓански организации. Во таа кампања се вклучени бивши амбасадори и високи офицери на армијата од времето на груевизмот, квази новинари, уредници и уметници, божемни аналитичари, академици и други „патриоти“ задолжени за поларизација, сеење омраза, повикување на насилство и блокирање на демократските процеси во земјата.

Нападот на Мицкоски против мене има карактер на лична пресметка, но не е само тоа.

Целта е да се дискредитираат и заплашат неистомислениците, а особено носителите на прогресивните идеи и ставови. Не е случајна оваа негова операција и ни оддалеку не ги отсликува само неговите лични потреби за одмазда.

Очекувам сериозно да се разгледа овој случај и да се спречи Мицкоски во остварувањето на неговите валкани цели насочени против слободата на говорот и демократијата.

Извор Civilmedia.mk

Спонзорирано: