24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски на Отворен Кабинет во ОВР Кавадарци: Го вреднуваме мислењето на секој граѓанин

Денеска (23.06.2023) во ОВР Кавадарци беше реализиран уште еден „Отворен Кабинет” на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, по оние во СВР Штип и ОВР Струга.

„Денеска продолжуваме со серијата посети, со кои се опфатени сите Сектори за внатрешни работи низ државата, во рамки на проектот на МВР – Отворен Кабинет, како уште една активност согласно концептот ‘МВР за ГРАЃАНИТЕ’. Целта е преку непосредни средби со граѓаните да ги слушнам нивните идеи и предлози за подобрување на безбедноста во заедницата во која живеат. На овој начин покажуваме дека го вреднуваме мислењето на секој еден граѓанин за тоа како полицијата може да придонесе за поголем спокој. Искрено верувам дека партнерството меѓу полицијата и граѓаните треба да го насочиме и на микро ниво, бидејќи граѓаните најдобро ги знаат предизвиците со кои се соочуваат во својата заедница. Секако, и средбите со раководствата на Секторите и Одделенијата за внатрешни работи се одлична можност заеднички да ги разгледаме реализираните активности, постигнатите резултати и да ги маркираме целите за следниот период. Затоа, денеска со мојот тим, кој е дел од Отворениот Кабинет, сум во ОВР Кавадарци, во рамки на СВР Велес”, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите пред објектот на ОВР Кавадарци.

Притоа тој сподели статистика за која беше брифиран на средба со раководството на ОВР Кавадарци.

„Согласно презентираните податоци од средбата со раководството на Одделението можам да констатирам дека вкупниот криминал на подрачјето на ОВР Кавадарци во изминатите пет месеци, споредбено со истиот период лани, бележи намалување за 21,8%, додека вкупната ефикасност на ОВР Кавадарци изнесува 52%, а на СВР Велес изнесува 59,5%. Имаме одлични резултати во делот на намалување на тешките кражби за 42,9%, споредбено со истиот период лани, како и намалување во делот на економскиот криминал за високи 76,5 %. Во делот на недозволената трговија со дрога, во текот на овој период од страна на ОВР Кавадарци во соработка со Одделот за крим-полиција поднесена е кривична пријава против правно лице и против државјанин на Република Албанија, со престој во Кавадарци, а по преземените мерки и активности од правното лице одземена е марихуана во вкупна количина од 1 тон и 570 килограми. Позитивен тренд се бележи и во областа на сообраќајот каде имаме намалување на бројот на сообраќајни незгоди за 41,3%. Имено, во првите пет месеци пријавени се вкупно 44 сообраќајни незгоди, додека за истиот период во 2022 година пријавени се вкупно 75 сообраќајни незгоди. Со големо задоволство можам да кажам и дека во овој период не се регистрирани сообраќајни несреќи со загинати лица, додека во истиот период лани, за жал, имавме три жртви во сообраќајни несреќи“, истакна министерот Спасовски.

Од страна на раководството на ОВР Кавадарци тој беше информиран и за превентивните активности кои ги спроведуваат, како дел од утврдениот концепт „Полицијата во заедницата“, кој има за цел да ја приближи полицијата до граѓаните и да ја јакне довербата во институцијата.

„Така, во првите пет месеци во текот на 2023 година реализирани се 131 превентивни активности, на теми насилство и насилничко однесување, сајбер булинг, штетни последици од болести на зависност – дрога и алкохолизам, средби и работилници со навивачки групи од подрачјето на Кавадарци, Отворен ден со полицијата, бројни активности во делот на безбедноста на патниот сообраќај и во делот на спречување на имотните деликти”, рече министерот Спасовски.