22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Пресврт на пазарот: Најголем пад на цените на становите од 2000 година

На почетокот на 2023 година, станбените недвижности во Германија поевтинија најмногу од 2000 година.

Во првиот квартал цените паднале во просек за 6,8 отсто во однос на истиот квартал од претходната година, објави Федералното биро за статистика, пренесува dpa.

Ова е најголем пад на цените од почетокот на статистичката серија пред 23 години. Споредено со четвртиот квартал од 2022 година, становите во просек поевтиниле за 3,1 отсто.

Веќе во последниот квартал од минатата година, статистичарите забележаа забележителен пад на цените на недвижностите, по долгогодишен подем. Главна причина за потресот на пазарот е силниот пораст на каматните стапки, поради што кредитите беа многу скапи.

Дополнително, фактор е и постојаната инфлација, која ја намали куповната моќ на граѓаните. Многумина повеќе не можат да си дозволат да купат недвижен имот. Бизнисот со банкарски станбени кредити е крајно слаб со месеци. Само во април, според податоците на Бундесбанката, повторно се намали за речиси половина.

Пад на цените на становите е забележан на почетокот на годината и во градовите и во руралните средини. Во исто време, падот на цените беше нешто поголем во градовите. Најголемо намалување има во Берлин, Хамбург, Минхен, Келн, Франкфурт, Штутгарт и Дизелдорф.

Во тие метрополи куќите за едно или две семејства поевтинија за 10,4 отсто, а становите се платени за 6,4 отсто помалку во однос на првиот квартал од минатата година.