„Денес, ја делиме среќата со 28 семејства од Виница кои започнуваат да живеат во нов дом и започнуваат ново поглавје во своите животи. Денес, наши сограѓани, добиваат нови домови каде ќе ја градат својата иднина и ќе ги реализираат своите соништа. Нивната радост е и наша радост, бидејќи ги исполнуваме очекувањата на граѓаните преку нашите политики, градејќи квалитетен живот за сите, насекаде низ нашата држава“, изјави претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска присуствуваше и се обрати на денешниот настан во Виница, каде се доделија клучеви од социјални станови на 28 семејства.
Премиерот Ковачевски истакна дека oваа Влада е посветена да реализира проекти од животна важност и промоција на пристапот на еднакви права за сите со фокус на ранливите групи, за кои е предвидено изградба на социјални станови низ целата држава преку Програмата за ранливите категории на граѓани.
„Овде, во Виница, инвестираме над 1,2 милиони евра во овој нов објект. Становите се со површина од 36 до 50 квадратни метри и се наменети за деца над 18 години без родители, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост, социјално загрозени како и самохрани родители со малолетни деца. Обезбедуваме пристоен живот и достоинство бидејќи секој човек е важен“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој истакна дека оваа Влада се грижи за рамномерен регионален развој.
„Во изминатите 4 години се изградени и во фаза на изградба се над 860 социјални станови. Само за споредба, од 2011 до 2016 година се изградени 600 станови. Од 2017 година досега се доделени станови во Струмица, Гостивар, Македонски Брод и Пробиштип. Денеска сме тука во Виница, а следни се и градовите Свети Николе, Демир Капија, Гевгелија. Завршени се социјалните станови во Неготино и во Велес а во тек се финалните градби во Дебар, Бутел и Кочани. Во Демир Капија се очекува становите да се распределат наскоро, а во тек се и огласите за распределба на социјални станови во Гевгелија“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека Владата гради силно кохезивно општество во кое секој се чувствува како дома.
Посочувајќи ги мерките кои Владата ги презема во социјалната сфера, премиерот Ковачевски истакна:
„За оваа година во Буџетот на Министерството за труд и социјална политика обезбедивме 5,5 милиони евра повеќе од лани за социјални услуги. Преку Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории граѓани, за справување со енергетската криза обезбедивме по 3.000 денари месечно за нив. Ја зголемивме социјалната помош во изминатите неколку години за над 300 проценти! Со системски решенија и антикризни мерки, успеавме да ги зголемиме минималната и просечната плата на историски највисоко ниво и 80.000 граѓани ги извлековме над прагот на сиромаштијата. Покажавме одговорно однесување во услови на криза и обезбедивме услови за континуиран раст на платите“ истакна премиерот Ковачевски, додавајќи дека невработеноста е намалена за 8 проценти, а истовремено, вработеноста е зголемена за 9,5 проценти.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски изјави:
„Денеска овој ден е среќен за сите. Среќен е за вас бидејќи започнувате ново поглавје во животот, во нов дом каде веруваме дека надежта за поспокоен и подобар живот како наша цел ја исполнивме за вас. Верувајте дека и ние сме исполнети кога гледаме среќни и задоволни семејства, кога ваквите политики и инвестиции даваат резултат, и искрено драго ми е што токму граѓаните директно ги чувствуваат придобивките и бенефитите. Нашето заедничко присуство со премиерот силно покажува дека Владата е тука за граѓаните, даваме силна поддршка за проекти кои обезбедуваат подобри услови за живеење на сите граѓани“, рече министерот Бочварски, кој на семејствата им посака во добро здравје да имаат уште многу вакви среќни моменти во нивните нови домови.