„Скринингот е една значајна задача, значајна фаза и вежба од преговорите бидејќи нам ни помага да ја мобилизираме администрацијата, да воспоставиме работни групи на ниво на државни и јавни службеници. Да направиме анализа до каде сме со законското усогласување но и со институционалните капацитети колку сме подготвени за имплементација на обврските и во кој рок сме подготвени целосно да се усогласиме со ЕУ односно со стандардите на ЕУ“ изјави вицепремиерот за европски прашња Бојан Маричиќ во интервју за Радио Скопје.
Тој додаде дека во процесот на скринигот државата ги одговори основните прашања и имаме навистина завидно ниво на подготвеност. Како што кажа Маричиќ тоа не значи дека сме спремни да влеземе во ЕУ утре, но дека имаме добра основа за преговорите да ги завршиме во разумен рок од неколку години.
„Работиме и на три патокази кои се услов за отворање на првиот кластер кога ќе дојде моментот за почеток на поглавјата, односно за отворање на преговорите во следна фаза. И тука владеење на право, реформи во јавна администрација и функционирање на демократски институции како три теми за трите патокази ни се приоритет затоа што тие се најважните задачи кои се отвораат на почетокот на преговорите и остануваат до крајот“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот истакна дека најважно е државата сега да го искористи моментумот што се нуди, да ја препознае шансата и да се продолжи европскиот пат.
„За да го искористиме тоа треба да ги направиме овие уставни измени, но и да направиме еден јасен план за сите задачи кои можеме да ги завршиме во наредните 4-5 години и да ги заклучиме преговорите. Има уште многу што да се прави, имаме многу усогласувања и во внатрешниот пазар и во делот на животна средина, земјоделие итн. Но, имаме добра основа да ги завршиме преговорите во еден разумен рок , нормален рок од 4-5 години и да станеме членка до 2030 година“ рече Маричиќ.