Европската Унија нема план што ќе прави со себе, смета експретседателот на Македонија, Бранко Црвенковски. Нему му пречи статус-кво ситуацијата, со оглед дека нема напредок во процесот на пристапување во ЕУ. Во неговото излагање ја пофали иницијативата Отворен Балкан, но најде и замерки кај истата.
„ЕУ нема план што ќе прави со себе, а како резултат на тоа и што ќе прави со Западен Балкан. Постојано слушаме едни исти мантри од страна на ЕУ, дека останува политиката на отворени врати, а од страна на земјите во регионот, дека полноправното членство во ЕУ е единствената опција за која не постои алтернатива. За жал резултатот од тоа е статус-кво ситуација. Во вакви околности кај нас имаме избор меѓу две опции, првата е да останеме пасивни, да чекаме и да се надеваме на чудо, на некаков радикален пресврт кој ќе го забрза процесот или да бидеме иницијативни и да даваме идеи кои ќе значат исчекор и ќе обезбедат одредена интегрираност и пред полноправното членство во ЕУ. Притоа, да ни биде јасно дека ниту една иницијатива нема шанси да биде разгледана а камо ли прифатена од ЕУ, ако дојде од било која држава. Единствено заеднички усогласен предлог од сите земји во регионот може да предизвика внимание и да се најде на дневен ред во Брисел. Како алатка за оваа цел, можат да бидат искористени формите за меѓународна соработка или нова создадена за оваа намена“, рече Црвенковски.
Тој додаде дека очекува интегрирање и на Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово во Западен Балкан.
„Отворен Балкан е автохтона регионална иницијатива создадена од Србија, Албанија, Македонија. Според мене главниот квалитет е што не е наметната однадвор, туку е резултат на сопствената свест. Ќе се согласите, нешто што во претходните години и децении беше незамисливо. Главниот хендикеп е што во неа не се вклучени Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Имајќи ја во предвид поддршката на САД и ЕУ, за иницијативата Отворен Балкан, не се сомневам дека ова ќе биде надминато“, посочи Црвенковски.