24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

„Не би сакал војната во Украина да биде поттик за нешто позитивно како што е проширувањето на ЕУ“, порача Пендаровски

Војната во Украина го врати фокусот на геополитиката и геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето, рече претседателот Стево Пендаровски, за време на говорот на Преспа форумот во Струга.

Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш, според претседателот Пендаровски, многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион и тоа не само во однос на проширувањето? -Не би сакал војната да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случува, рече Пендаровски.

Според Пендаровски, бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот. Преговарачкиот процес, според македонскиот претседател, ги унапредува демократските процеси во земјите-кандидати, додека без надзорот од ЕУ назадувањето е очигледно, а во многу случаи и неизбежно.

„Предолгото чекање за ЕУ членство може да доведе до тоа луѓето да бараат алтернативи и да дојде до остар пад на поддршката за членство во ЕУ, а без пристапниот процес се јавува повеќе простор за малигни влијанија поради фактот што земјата-кандидат не е дел од заедничките механизми за размена на информации и управување со кризи. За да видиме системски и неповратен напредок, потребна ни е рамка за тоа – правна, политичка и економска, плус безбедност и разузнавање“ вели Пендаровски. Според него, ЕУ е солидна рамка за првите три компоненти, а НАТО за последните две.

Претседателот Пендаровски исто така се осврна и на можностите и предизвиците што ги нуди вештачката интелигенција и во таа насока ги поздрави иницијативите што се преземаат од владите и меѓународните организации со цел да се изнајдат решенија за полезно користење на вештачката интелигенција за јавно добро и напредок, додавајќи дека автократите може да ја злоупотребат вештачката интелигенција на сличен начин како што ги злоупотребуваат и социјалните медиуми.

Во однос на политичкото учество на жените и младите во земјава и регионот, претседателот Пендаровски истакна дека патот за нивното вклучување во процесите на донесување на одлуки отсекогаш бил тежок во општества каде доминирале мажите, но дека е потребно афирмативно дејство за нивно политичко учество и во процесите на донесување на одлуки.

На сесијата се обратија и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, помошник генералниот секретар на ОН, Мирослав Јенча и младинскиот претставник Зорана Антовска, а свое видео-обраќање имаше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.