Јасно е дека СДС и ДУИ немаат мнозинство за уставните измени. Власта е соголена откако сами си го создадоа проблемот, без да прифатат помош од ВМРО-ДПМНЕ во преговорите, сега повторно арогантно и на штета на државните интереси одбиваат да прифатат еден од двата предлога на ВМРО-ДПМНЕ, изјави Дафина Стојаноска, заменик-координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Оцени дека СДС и Ковачевски молчат во однос на предлозите.
„Нејасно е зошто СДС не прифаќа предлози, кои значат брза интеграција на Македонија во Унијата и заштита на идентитетот.
Дали проблемот е тоа што ДУИ треба да оди во опозиција или проблем се нови отстапки, кои имаат во план да ги прават?“, прашува Стојаноска.
„ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати уставни измени под бугарски диктат. Единствен начин за излез од кризата е прифаќање на еден од двата предлога.
1. Преодна влада без ДУИ и уставни измени со одложено дејство со влез на Македонија во ЕУ;
2. Избори наесен, а потоа која и партија да е во опозиција, да ги поддржи следните чекори на Владата пред да се гласаат уставните измени, а тоа се барање гаранции од ЕУ-институциите за заштита на македонскиот многувековен идентитет, барање финансиски пакет-помош за македонската економија и за граѓаните, барање од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди на Европскиот суд за човекови права за правата на Македонците.
Нејасно е што од овие предлози е проблематично за СДС.
Не разбираме дали СДС има проблем со зајакнување на гаранциите за државата или со тоа што ДУИ ќе оди во опозиција“, вели таа.
Прашува дали СДС е заложник на ДУИ поради меѓусебни корупциски зделки? „Или, пак, планира да го уништи македонскиот идентитет менувајќи го Уставот сега и оставајќи простор во тек на преговорите со Европската Унија, Бугарија да нè блокира секогаш кога сака и со тоа да ја принудува Македонија целосно да си го уништи идентитетот?
Време е Ковачевски и СДС да сфатат дека времето за зачувување на идентитетот и интеграцијата е сега. Потоа, само тие ќе бидат виновни за сите порази“, додава пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.