17.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

(Видео) ДПМНЕ да номинира претставници во работната група, да продолжи дијалогот за уставните измени, порача Кузеска

Членството во ЕУ е стратешка цел, врвен национален интерес и секоја партија треба да го даде својот придонес за доброто на земјата и на народот. СДСМ како одговорна државотворна партија го предводи евроинтеграцискиот процес. Но, подадовме рака и кон Мицкоски и ДПМНЕ за приклучување кон овој процес значаен за иднината на земјата, истакна на денешната прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.

„Добро е што се воспостави дијалог и што Мицкоски јавно соопшти дека не е против уставните измени и прифаќа учество во заедничка влада. Сега дијалогот треба да продолжи. СДСМ веќе предложи работна група од највисоки партиски претставници. Сега на ред е ДПМНЕ да номинира свои претставници и работните групи да почнат со работни средби што е можно побргу.
Ги повикуваме во ДПМНЕ да ја прифатат подадената рака. Условите за одложена примена на уставните измени до втората меѓувладина конференција се прифатени“, вели таа.

ДУИ, како што рече, има јасна позиција потврдена на органите на оваа партија и подготвена е да отстапи во интерес на европската иднина.

Според неа, македонскиот јазик и идентитет се заштитени, но и дополнителна гаранција очекуваме да се случи многу бргу.

„Затоа, сметаме дека има добра основа и дијалогот треба да продолжи за начинот на спроведување на уставните измени. Ние, како и целокупната јавноста, очекуваме Мицкоски да остане на ставот и преземените обврски и да остане во процесот. Нема никаква потреба да се дообјаснуваат јавно дадените изјави на Мицкоски. Тој рече многу работи пред средбата, а сосема други работи на средбата и по завршување на средбата. Минатата среда сите го слушнавме Мицкоски како вели дека се согласува со предлогот на премиерот Ковачевски за уставни измени и учество во заедничка влада под одредени услови. Променетиот став е добро за државата и тоа треба да се поздрави, да не дозволиме да се пропушти оваа шанса“, оцени Кузеска.

Додаде дека доколку избега од процесот или повторно го промени ставот, тоа ќе биде уште едно од низата разочарувања.

„Сега не е време за политички калкулации и мерење на партиските и личните рејтинзи, сега е време на одговорност пред сопствените граѓани, пред иднината на сопствената држава“, рече таа.

Спонзорирано: