19.8 C
Скопје
30. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
СТАВМАКЕДОНИЈА

Силен ветар во чаша со вода

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Десницата денес ја обвинува левицата за идентитетска политика, а политиката која се врти околу големите „означувачи“ како што се нацијата, традицијата, традиционалното семејство, религијата (која е еден тип на идентитетска политика), жената и мажот разбрани како идентитет, а не како биолошка даденост, и потоа од тоа излегуваат сложени идентитети во општествениот контекст…

Денес, многу повеќе од порано, потребна е перспектива која ќе ја тргне „магијата“ за да разбереме дека идентитетот е многу повеќе процес, состојба, поза, а не е нешто непробојно, тврдо; или ако нешто е загрозено не значи дека е загрозена нашата душа. Многу почесто ќе најдеме преклопување на вредности и „конфликти од вредности“ внатре измеѓу исти идентитети, притоа, не мислам дека вредностите се бесмислена работа, баш напротив, и не мислам дека идентитетите се магла или покритие за нешто друго, а некако мислам и дека се покритие за нешто друго.

Ако се поделиме исклучиво на идентитети, нема да можеме да артикулираме ништо важно: нема да можеме да ги артикулираме реалните интереси за кои мора да можеме да зборуваме, и за кои е легитимно да постојат различни интереси и вредности на кои стоиме. Затоа што ако на идентитетските линии се поделиме, тогаш некои вредности ќе тргнат со христијанската религија, некои ќе тргнат со конзервативизмот, некои ќе тргнат со „прогресивизмот“. Ако се поделиме по идентитетски линии, луѓето повторно различно ќе ги разберат тие линии, луѓето различно ќе ги разберат своите позиции на пазарот на трудот, да речеме. Сакам да кажам, ако ги закопате луѓето во идентитетски ровови, луѓето различно ќе ја разбираат сопствената позиција, да речеме, на пример од призмата на миграциите, од призмата на економијата, од призмата на Европската унија, па дури и пошироко.

Со што последниве 30 години нè убиваат директно в глава? Со приказните за идентитетот. И наместо како нормални луѓе да ги уредуваме сопствените животи, да ја уредуваме нашата заедничка околина, да поправаме канализации, улици, да вложуваме во инфраструктура, да облагородуваме јавни простори, ние, брате, се фаќаме за идентитетите кои се типични за племиња и нивните метафизики, и ајде што се фаќаме, туку објаснувањето за нивната содржина е така фолклорна (во главно расправаме за конфесионални идентитети), па ги пумпаме до космички димензии.

Да бидам крајно отворен: суштината на идентитетот лежи во тоа што „националната интелигенција“ од тоа живее. Едни живеат на нејзината „душевна основа“, а другите живеат на нивната „симболичка основа“. Таквите се наречени и професионални патриоти: земаат канта со бензин и дотураат на огнот. И секогаш, ама секогаш, себе се претставуваат за жртви.

Земете го примерот со Христијан Мицкоски. Возможно е некогаш тој човек да се занимавал и со нешто друго во својот живот од, да речеме, измислениот проблем со „бугаризацијата на македонскиот народ“. И уште сто пати да им се повтори дека национални идентитети може да се менуваат само преку воена интервенција, Христијан Мицкоски повторно ќе рече дека не е тоа точно, ќе изигрува жртва правдајќи се дека намерата на Бугарите е во клучот од средината на 20 век и прифатените бугарски наративи на некој опскурен Тодор Живков, небаре мајчиниот сведочи од лично име.

Вториот пример е во минатонеделната „лидерска средба“ на која, Мицкоски отворено ги прифати Уставни амандмани ако ДУИ отиде во опозиција. И уште прифати делба на власта со СДСМ. Значи сè се распадна како меур од сапуница за нецели шеесет минути, оти знаете што, приказните за идентитетите, посебно оние колективните, во својата суштина е работа на ирационализам, нема на што да се држи, посебно кога на таквиот ирационализам ќе додадете најконкретна содржина како што се парите и моќта. Секој наратив за идентитетот се распрскува во дел од секунда.

Думаат ли думаат нашите „патриоти“ прашувајќи се со што можат да бидат корисни за нашиот народ, откако најпрво ќе измислат триста глупости со кои ќе ја трујат јавноста, а потоа ќе чекаат колективна ерупција.

Добро, ако некој ме праша: како ќе го опишеш овој феномен помеѓу Мицкоски, Ковачевски и Бугарите? Зошто служат овие комични афектации од минатото, од Втората Светска војна, па дури се споменуваат и примери од Социјалистичките времиња?! Ако некој ме замоли, велам погоре, да најдам најприкладна стилска фигура за да го опишам овој феномен, мислам дека ќе ја предложам „силен ветар во чаша со вода“. Силниот ветар е дел од природата, ама не и во чаша со вода; неа, водата, ја вари човекот, што значи ја создава вештачки, за некоја нејасна и секогаш нечесна работа. Таквиот силен ветар го создава човекот затоа што мирното и чисто море не му одговара. Најдобро се лови во матна вода, комшија!

А некој може да го праша и следното? А зошто нè плукаа и навредуваат ако приказната за загрозениот идентитет се издува како балон за шеесетина минути? Кога ќе ме зафати скепса, кога ќе ме удри напад на паника од нивните лица, очи и зборови, за тоа тие многу повеќе знаат од нас сами.

извор Фронтлајн.мк

Спонзорирано: