16.8 C
Скопје
3. мај 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Ако ВМРО-ДПМНЕ излезе од рамката на договореното, ќе ги разочара и граѓаните и меѓународната заедница

Премиерот Димитар Ковачевски смета дека по лидерската средба со Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ, и изнесените предлози за уставните измени, време е да се почне со нивна примена, а не толкување кој што сакал да каже. Тој, денес, по увидот во градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа во Богданци, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека како државотворна партија даваат можност првпат и ВМРО-ДПМНЕ да учествува во носењето важна одлука за иднината на државата.

„Сега останува на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон процесот, да остане во процесот, бидејќи демантирањето или излегувањето од рамката на тоа што беше договорено и на таа прес-конференција кажано, сметам дека би претставувало големо разочарување како за граѓаните тука така и за меѓународната заедница, која навистина овој пат сака да ја види Северна Македонија да го продолжи патот до европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка на Европската Унија. Тоа што беше кажано на прес-конференцијата, за нас, е прифатливо. Како што гледате, и за ДУИ е прифатливо. Другите политички партии во нашата коалиција, и ЛДП, и НСДП и ДОМ, излегоа веднаш со соопштенија дека и за нив е прифатливо. Сметам дека сега треба да се оди кон имплементација на тоа што беше договорено и кажано, јавно соопштено, а не кон толкување што сакал некој да каже бидејќи тоа што беше кажано, всушност, тоа беше и разговарано“, рече премиерот Ковачевски.

Тој уште еднаш потсети дека главен заклучок од лидерската средба е тоа што во ВМРО-ДПМНЕ се согласни да гласаат за уставните измени, согласни се на влез во Владата со СДСМ, а СДСМ, пак, е подготвен да отстапи за нив 50 отсто од министерските места.

Лидерот Мицкоски, по лидерската средба минатата недела, рече дека се согласни на уставни измени, но доколку се вметне клаузула со која тие ќе важат од моментот кога ќе станеме членка на Европската Унија, побара и предвремени парламентарни избори и рече дека е согласен да влезе во Владата со СДСМ, но без ДУИ. Премиерот Ковачевски денес извести дека условот влада без ДУИ е исполнет оти и ДУИ и сите други партии во нивната коалиција веќе се изјасниле дека се согласни.

Спонзорирано: