Комитетот за односи меѓу заедниците денеска во Собранието со свечена седница одбележа 25 години од стапувањето на сила на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, со која е започната нова ера во Европа на полето на политиките на заштитата и ефективното учество во јавниот живот на националните малцинства.
Република Северна Македонија е меѓу првите потписнички на Рамковната конвенција, уште во 1996 година, а овој јубилеј од четвртина век е пригода повторно да се афирмира посветеноста на нашата земја кон градењето на политиките за почитување на правата на заедниците.
Седницата ја отвори Арбана Пашоли, претседателка на Комитетот за односи меѓу заедниците, која нагласи дека Собранието е дом на сите граѓани и дека овој настан е соработка помеѓу Комитетот и Центарот за напредни истражувања.
„Морална и институционална обврска е да се гарантира мултидимензионалната благосостојба на сите граѓани преку гарантирање на индивидуалните и колективните права, но и функционалниот соживот како резултат на владеењето на заедницата“, истакна Пашоли.
Воведни обраќања имаа: претседателот на државата, Стево Пендаровски; претседателот на Собранието, Талат Џафери и евроамбасадорот Дејвид Гир.
Пендаровски потенцира дека како држава сме високо признаени и препознаени не само во нашиот регион, туку и во Европа, во однос на заштитата на националните малцинства.
„Денес, не само како земја потписник на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, туку и со нашиот Устав како највисок правен акт, ние сме обврзани целосно да ги почитуваме правата на етничките заедници, меѓу кои се најважни правото слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет и национални особености, правото да основаат културни и уметнички институции и правото на настава на својот јазик во сите степени на образованието“, заклучи претседателот на државата.
Од своја страна, претседателот на законодавниот дом, Џафери, истакна дека „Државата има одговорност да обезбеди еднаков пристап до правата на малцинствата, затоа што на тој начин ќе го поттикне и чувството на доверба, лојалност, поголема одговорност и љубов кон земјата. Тоа, по автоматизам ќе произведе релаксирани односи меѓу заедниците, стабилност во политичките односи и чувство за заедничко градење на нешто убаво, во нашиот случај, за градење на заедничка, напредна и развиена Република Северна Македонија“.
Евроамбасадорот Гир рече дека Рамковната конвенција е документ кој е усвоен од Советот на Европа за да обезбеди безбедност и мир на Стариот континент и според истиот треба да се внимава секоја земја потписник да ги презема сите мерки и да ги почитува малцинствата. Тој ги окарактеризира мултиетничките разлики како богатство и порача да не се дозволи да постои дискриминација.
На свечената седница исто така се обратија: Еран Куртиш, директор на Агенција за остварување на правата на заедниците; членките на Комитетот: Дафина Стојаноска, Љатифе Шиковска и Санела Шкријељ; како и Рубин Земон, директор на Центарот за напредни истражувања.
Како директор на Агенцијата која се грижи за правата на заедниците кои се помалку од 20% од населението во земјава, Куртиш информира дека имаат за цел поголема интеграција на овие заедници како рамноправни граѓани во земјава. „Со остварување на правата на помалубројните заедници, никој не губи ништо!“ – порача Куртиш.
Инвестирањето во правата на заедниците, е инвестирање во иднината. Да бидеме вистински пример за добра соработка, комуникација, успешна приказна. Да комуницираме на јазик на меѓусебно почитување и разбирање. Разликите да нѐ поврзуваат. Да ја почитуваме, спроведуваме и да ја надминеме оваа Конвенција – апелираше пратеничката Дафина Стојаноска.
Пратеничката Љатифе Шиковска рече дека овој јубилеј нѐ потсетува на важноста на меѓународните договори и ангажманот на државата да ги заштитува правата и достоинството на сите граѓани, вклучувајќи ги националните малцинства, а во тој контекст и Ромите, кои сѐ уште живеат во сиромаштија, социјална исклученост и дискриминација. Во тој контекст потребно е креирање политики со конкретни мерки и програми во кои ќе бидат вклучени Ромите. Поправично и поправедно инклузивно општество за сите граѓани, општество без социјална исклученост и дискриминација, затоа што секој граѓанин е важен – побара Шиковска.
Различноста секогаш била и е карактеристика на нашата држава. Да живееме едни со други, а не едни покрај други – рече пратеничката Санела Шкријељ. Таа истакна дека темел на секое општество е воспитно-образовниот систем и токму затоа во него треба да бидат вградени различностите. Шкријељ упати апел до политичарите да бидат пример што значи вистинска почит.
Седницата со свое обраќање ја затвори директорот на Центарот за напредни истражувања, Рубин Земон, како иницијатор на одржување на настанот. Тој се фокусира на препораките по имплементацијата на Конвенцијата и сето она што може да се направи за унапредување на правата на малцинствата. Притоа, потенцира дека Рамковната конвенција има за цел малцинствата да бидат еднакви пред Законот и фактите и го отвора патот за мир во општеството.