Кога Владата треба да го усвои предлогот на уставните измени и да го испрати во Собранието, еден проект наречен „Македонијо во срце те носиме“ треба да биде антипод на таа процедура. Дванаесет патриотски песни во изведба на 12 пејачи ќе бидат изведувани во осум градови во Македонија, затоа што „како никогаш досега, македонскиот народ е гладен за патриотизам, затоа што како да се случува повторување на историјата, неговата припадност, јазик и култура да бидат негирани“.
Малку конфузно делува објаснувањето на оние што го подготвуваат овој проект, но суштината е едноставна: и патриотизмот во времето на можните уставни измени чини пари.
До советите на осум општини – Прилеп, Битола, Велес, Штип, Тетово, Охрид, Кочани и Скопје – испратен е предлогот на овој проект за кој се бара парична поддршка од нив во кој се објаснува дека со него „не само што ќе го храниме македонскиот патриотски дух, туку уште еднаш ќе потврдиме дека македонскиот народ од дамнешни времиња го чувал, негувал својот јазик преку народните песни со родољубива тематика и го штител својот идентитет преку нив“.
Во тие осум градови, 12-те пејачи треба да ги изведат 12-те песни, а за тоа се потребни пари. Според она што е напишано во предлогот на овој проект, тие концерти што треба да се одржат во август и септември. Аранжманите, ПР-стратегијата, хонорарите, снимањето на песните треба да ги платат – општините! Првичниот план за чинењето на овој проект, којшто го води „Скендеровски продукција“ изнесува околу 12 милиони денари (200.000 евра).
Некои од општините ќе платат помалку (на пример, еден милион денари), некои повеќе, но ако два месеци секој викенд 12-те пејачи имаат по еден патриотски концерт во осумте градови за тоа мора да се издвојат пари. Веројатно општините се финансиски релаксирани, па имаат пари да одвојуваат за патриотски проекти на приватни продукции. И така кај нив сѐ друго функционира под конец.
Во предлогот доставен до општините за да издвојат пари се наведуваат – 12-те патриотски песни кои треба да бидат дополнителен стимул за советниците да ги одобрат парите (меѓу нив се и „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало селото Ваташа“, „Земјо македонска“, „Едно име имаме“, „Народе македонски“), како и имињата на изведувачите кои треба да бидат некаков гарант за нивото на патриотизмот што треба да се испорача.
Бидејќи за утре е најавено дека јавноста ќе ги дознае деталите за овој патриотски музички проект, веројатно е дека осумте општини веќе го дале својот изим – од нивните напрегнати сметки да се издвојат пари за патриотизмот што ќе го емитира една приватна продукција. Општините, во овој случај, да се послужиме со музичката терминологија, треба да бидат носач на звукот. Паричен. (Н.В.)
извор Независен.мк