26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски на автопатската делница Демир Капија – Неготино, дел од Коридорот 10: Вложуваме во безбедноста на граѓаните и ја поврзуваме државата со Европа!

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија, Ејуп Рустеми, беше на теренот каде што е во тек рехабилитација на двете коловозни ленти на автопатската делница Демир Капија – Неготино.

Станува збор за рехабилитација на оваа автопатска делница во должина од 15 километри, а средствата, во вредност од 9 милиони евра, се обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта.

„Според Договорот за проектот, рехабилитацијата на патот треба да заврши до април следната година и очекувам овој рок да биде испочитуван. Оваа патна делница беше една од полошите патни делници на Коридорот 10, не беше рехабилитирана цели 20 години и ова беше барање на сите граѓани, особено на оние кои гравитираат во овој дел од државата.

Ова е една од делниците, којашто е дел од трансевропскиот Коридор 10 и преставува важна врска помеѓу нашата држава, Грција, Србија, меѓутоа и со другите држави во Европа. Реализација на овој проект, освен што значи придонес во транспортното поврзување, ќе обезбеди и безбеден сообраќај за граѓаните“, оцени премиерот Ковачевски, по средбата со надлежните за проектот и изведувачите.

Силниот фокус кон инвестициите во инфраструктурата, рече премиерот Ковачевски, има видлив резултат, со што „ние покажавме дека парите на граѓаните и треба и може да се употребуваат одговорно и исклучиво за развојот на државата.“

„Влогот во патната и железничката инфраструктура е влог во трајни добра, коишто значат не само модерни патишта, туку и регионален развој и раст на економијата. Денес парите на граѓаните одат за граѓаните, а не за фасади од стиропор, за лажен барок, исушени врби, за лични и партиски цели. Само минатата година, во услови на најголема криза имаме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60% повеќе од 2014 година, кога износот на капитални проекти беше 286 милиони евра, а парите на граѓаните одеа во непродуктивни трошења. Во последните три години, односно 2020, 2021 и 2022 година, во услови на здравствена, економска и енергетска криза, вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра“, посочи премиерот Ковачевски.

Од 2017 до 2022 година, како што нагласи премиерот Ковачевски, се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта; изградени се и рехабилитирани околу 1.400 километри патишта за 6 години; изградени се 2 нови експресни патишта; градиме уште 2 нови и бројни магистрални и регионални патишта; градиме и рехабилитираме околу 450 километри локални патишта низ општините.

Динамиката на изградбата на патот од Кичево до Охрид, во должина од 57 километри, како што рече премиерот, е забрзана, отстранети се наследените проблеми што ја кочеа реализацијата и веќе 75 проценти од патот е завршен.

Неодамна и официјално е пуштена во употреба и рехабилитираната патна делница Куманово – Страцин, процес којшто за прв пат е спроведен после повеќе од 32 години, а овој магистрален пат е дел од европскиот Коридор 8 и е од витално значење како за тој регион, така и за целата држава.

„Како ниту една друга влада вложуваме во секој дел од државата. И продолжуваме со истото темпо, затоа што нашата држава и граѓаните заслужуваат да имаат модерно патно поврзување“, порача премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата посебно посочи на значењето на изградбата на коридорите 8 и 10 д, во рамки на којшто проект ќе бидат изградени околу 110 километри нови автопатишта, а изведбата на проектот значи и нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 процента годишно, во наредните пет години. На терен и на двата коридора, како што соопшти премиерот Ковачевски, веќе се вршат неопходните подготвителни активности за градежните работи, геомеханички истражувања, а паралелно течат и процесите на проектирање, изработка на елаборати за експропријација на земјиштето и мобилизација на фирми коишто ќе бидат вклучени во изградбата на автопатите.

„Ова е најголемиот инфраструктурен стратешки проект досега, со којшто ја поврзуваме земјата со регионот и Европа, по европски и светски стандарди на изградба на патна инфраструктура. Покрај со солунското пристаниште, се поврзуваме со уште две пристаништа: во Бургас, Бугарија и во Драч, Албанија. Со одлуката на ЕУ за поставување на Коридорот 8 на мапата на главни коридори во регионот и ЕУ, нашата држава се позиционира како крстосница на регионот на два главни европски коридора, тоа се Коридорот 10 д и Коридорот 8. Поврзувањето што го овозможуваат двата коридора, значи рамномерен регионален развој, подобрување на економскиот рејтинг на државата и на бизнис климата, пораст на странските инвестиции, побрз трансфер на луѓе и стоки, отворање нови пазари и подобро поврзување со меѓународните и трговски партнери. Овие одлуки, овие политики, се вистинска грижа за граѓаните и за државата.Тоа е начинот на којшто се работи и на којшто ќе продолжиме да работиме“, рече премиерот Ковачевски.

„Ние вложуваме во добрата иднина на сегашните генерации и оставаме вредно наследство на следните генерации, што е и перспектива за нивната подобра иднина. Македонските граѓани заслужуваат да патуваат по модерни и современи патишта, да се возат побрзо и побезбедно и да бидат поврзани со Европа и со светот. Реализираме европска иднина – сега, за европски квалитет на живот – денес“, порача премиерот Ковачевски.

Mинистерот за транспорт и врски Бочварски, во неговото обраќање рече дека вложувањата во квалитетна патна врска на Коридор 10 е дел од планот на Министерството за воспставување брз, безбеден и модерен автопат.

„Нашата визија за европската перспектива ја остваруваме, позиционирајќи ја земјава на мапата на главните европски коридори. Така добивме значајно место на картата на главни меѓународни рути во европскиот транспорт на стока и патници.
На овој Коридор 10 го рехабилитираме и оштетениот дел од Катланово до Петровец, а веќе започнати се подготовките и за проширување на граничниот премин Табановце. Во следна фаза овој јужен дел од автопатот ќе го издигнеме на повисоко модерно ниво, за што веќе следниот месец ќе распишеме повик за инсталација на Интелигентен транспортен систем преку кој систем ќе имаме предвидливи ситуации на самиот коловоз со што ќе ја подигнеме безбедноста на уште поголемо ниво.
Силниот инвестициски циклус од близу 2 милијарди евра во модернизирање на целокупната патна инфраструктура во државата несомнено дава силен сигнал за домашните и странски инвеститори.
Инвестирањето во подобра патна мрежа е влог за силна економска држава и за сегашните и идни поколенија“, рече министерот Бочварски.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Рустеми, потенцираше дека покрај фокусот насочен кон изградбата на коридорите 8 и 10 д како најголемиот инфраструктурен проект, со којшто државава ќе добие нови 110 километри автопатишта, се води грижа и за сите други автопатишта и патишта за нивна навремена санација и рехабилитиација.

„Во програмата за оваа година предвидовме средства за рехабилитација на најоштетените делови на автопатските делници Демир Капија – Неготино и Скопје – Тетово. Заради безбедна изведба на работите и поради обемот којшто опфаќа целосна реконструкција, во моментов, на овој дел на автопатот имаме одобрен времен режим на сообраќај од страна на Министерството за транспорт и врски“, соопшти директорот Рустеми.

Проектот за рехабилитација на автопатската делница Демир Капија – Неготино е дел од годишната програма на Јавното претпријатие за државни патишта на Република Северна Македонија што се однесува на поправка и рехабилитација на државни патишта.