25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Граѓаните не јаделе краставици со метали, ширење паника е кивично дело, АХВ размислува да го гони Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ

Краставица, млад кромид, пиперка и домат – сите овие зеленчуци се безбедни за јадење, тврди директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

Тој ги негира обвинувањата од Цветан Трипуновски, претседател на Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство во ВМРО-ДПМНЕ, кој рече дека при контрола на овие зеленчуци имало зголемено присуство на пестициди.

Бабовски рече: „За жал, некој се декларира како демохристијан, а за време на верски празник излегува со неточни податоци – за мене е нонсенс. Ќе мора да преземеме некои активности за да се заштитат граѓаните. За нас, нечие извинување не ни значи. Ако некој треба да се извини, тоа е на граѓаните“.

„Ширење лажна паника и тревога е кривично дело. Сите овие резултати, кои се однесуваат на резидуум од метали или присуство на тешки метали – сите се негативни резултати. Не знам која беше целта кај граѓаните да се шири паника со негативни резултати. Изгледа при брифирањето некој некого излажал. Ако ги разгледате резултатите, некој помешал микро- и милиграми. Сите се во рамките на дозволените количини. Резултатите се негативни“, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски.

Објасни дека при увоз, кога се прават контроли, ако се најдат пратки што не се во ред, се ставаат под надзор.

„Право на увозникот и економскиот оператор е да побара второ мислење“, додаде Бабовски.

Прашан дали ќе го гони Трипуновски за ширење паника, рече: „Наредниве денови тоа ќе го одлучи менаџерскиот тим. Ниту едно обвинителство не може да го исправи она што беше паника кај граѓаните“.

Според Трипуновски, АХВ и МЗШВ свесно дозволиле и пуштиле во промет зеленчук во кое има присуство на пестициди, а кое е опасно за здравјето на луѓето.

„Граѓаните, освен што јадат скапа храна, јадат и небезбедна храна. ЈО мора веднаш да реагира. Немаме време за комисии, работни тела и инспекции, потребни се итни мерки, брзи истраги и одговорност. Овој штетен зеленчук може да завршил на пазарите во Скопје, Тетово, Кавадарци, Гостивар, Штип, Велес, буквално на целата територија на Република Македонија. Колку треба да биде профитот на некој поединец за да се дозволи труење на сопствените граѓани од страна на власта?“, праша Трипуновски пред неколу дена.