23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Грковска: Не смее да се нормализира говорот што дискриминира и поттикнува насилство

„Историјата ни дала многубројни поуки за последиците од организирано ширење омраза, а во контекст на технолошките можности што ги имаме денеска ова прашање стана далеку посериозно“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, на денешната конференција „Општество без омраза: заеднички труд и заедничка цел“.

Во своето воведно обраќање вицепремиерката Грковска посочи дека е неопходно да се градат сеопфатни и што пошироки пристапи за справување со говорот на омраза, кои ќе ги вклучуваат сите аспекти на проблемот: корените на омразата, мотивите за нејзино ширење и искористување за одредени цели, справувањето со штетите врз поединците, групите, општеството и демократските уредувања на глобално ниво, како и регулацијата и санкционирањето.

„Клучно е да јакне свеста за разликите помеѓу слободата на говор и злоупотребата на таа слобода за дискриминирање, омаловажување и за поттикнување насилство врз цели групи во општеството“, додаде Грковска.

Таа посочи дека проблемот со говорот на омраза не може да се реши со една мерка или закон и дека справувањето мора да биде континуирано, со вклученост за сите страни и со инкорпорирање на меѓународните практики и искуства.

Овие појави, кои ги рушат функционалноста и кохезијата на општеството и кои влијаат на стабилноста, мирот и развојот, не смее да бидат игнорирани, изјави вицепремиерката, додавајќи дека не смее да се остави неограничен простор за ширење омраза, која резултира со насилство и жртви.

„Она на што јас би сакала особено да се осврнам е личната одговорност, особено на оние што имаат одредено влијание во средината, а тоа влијание го користат, па дури и го јакнат преку ширење омраза.

Таквото однесување и таквата реторика на политичарите и јавните личности е катализатор за негативниот набој во општеството“, потенцира Грковска и дополни дека клучно е заедничкото, посветено и постојано работење на заедничката цел – да се обезбеди ефикасна заштита од говорот на омраза во рамките на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

Ова беше и заедничкиот заклучок од денешниот настан, кој се организира по повод промоцијата на препораката на Комитетот на министрите за борба против говор на омраза на македонски јазик, а во рамките на програмата на Европската Унија и Советот на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.