Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, и министерката за животна средна и просторно планирање, Каја Шукова, остварија средба со потсекретарот на Обединетите нации и извршен директор на Програмата за животна средина на ОН, Ингер Андерсен и тимот УНЕП што се во посета на земјите од Балканот меѓу кои и Република Северна Македонија. Теми на разговор беа Тројната планетарна криза и нејзиното афектирање на нашата држава, досегашната и идна соработка и одржливиот развој.
По посетата на Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун во Северна Македонија во 2012 година, Ингер Андерсен е една од највисоките претставници од Обединетите нации што ја посетуваат земјата.
Во врска со Тројната планетарна криза, климатските промени, загубата на биолошката разновидност и загадувањето како закана за планетата и луѓето, Битиќи истакна дека и покрај тоа што покрива само пет отсто од Балканскиот полуостров, Северна Македонија е европско богатство на биолошка разновидност.
„Оттука присуството и ангажманот на УНЕП во Северна Македонија е од големо значење. Еден од најголемите успеси на оваа Влада и УНЕП е прогласувањето на Шар Планина за национален парк, шест децении откога земјата го прогласи последниот национален парк“, рече Битиќи.
Посетата на Андерсен и тимот на УНЕП во Северна Македонија доаѓа во критичен момент не само во Северна Македонија, туку и на глобално ниво, бидејќи оваа година се спроведува среднорочно ревидирање на спроведувањето на агендата 2030 за имплементацијата на Агендата 2030 и целите за одржлив развој што ги покрива прашањата на Тројната планетарна криза.
Битиќи во својство на лидер на процесот за имплементација на одржливиот развој, информираше дека Северна Македонија е во фаза на подготовка за Самитот на целите за одржлив развој, кој овој септември ќе се одржи во Њујорк во рамките на Генералното Собрание на Обединетите нации.
„Разговаравме за напорите на Владата на Северна Македонија да се справи со итните прашања за климатските промени, губењето на биолошката разновидност и загадувањето, кои заедно претставуваат голема закана за нашата планета и за нејзините жители. Посветеноста и лидерството што ги покажа вашата администрација во овој поглед не останаа незабележани и ја пофалуваме вашата посветеност за одржлив развој и за благосостојбата на сегашните и идните генерации“, рече Андерсен.
Потсекретарот на Обединетите нации, Андерсен, истакна дека УНЕП успешно ја поддржа македонската Влада во програмите за заштита на животната средина како што се прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, ревалоризацијата на Охридското Езеро заедно со напорите за спас на неговиот статус на УНЕСКО, како и помошта за постигнување одржливо управување. на природните ресурси и сите еколошки приоритети.
„УНЕП е подготвен да ја поддржи Владата на Северна Македонија и е посветен на обезбедување техничка експертиза, совети за политики и поддршка за градење капацитети за понатамошно унапредување на одржливиот развој и зачувување на животната средина во земјата“, рече Андерсен.