Ако земеме предвид дека секторот енергетика креира 10 – 15% од БДП во нашата економија, тогаш јасно е дека, изборите што ги правиме во енергетскиот сектор, денес, ќе имаат големо влијание врз иднината на нашата економија и благосостојбата но и енергетската безбедност на идните генерации, рече во воведното обраќање вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на отворањето на МЕФ енергетскиот форум во Скопје.
– Токму затоа, сметам дека Форумот ќе послужи како инклузивна платформа за дијалог, размена на знаења, но и за споделување иновативни пристапи, најнови достигнувања, трендови и стратегии за решавање на прашањата поврзани со енергетиката. Зелената енергија, не нарушувајќи ја рамнотежата на нашиот комплексен еко систем, е клучна за зачувување на животната средина. Токму забрзаните климатски промени и деградацијата на животната средина, не водат кон итна транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија со ниска емисија на стакленички гасови, која треба да ја сметаме за императив и во креирањето и спроведувањето на политиките. Велат, константа е само промената па така и енергетските трансформации се постојан процес, во моментов со забрзан чекор кон обновливи извори на енергија, но планирањето и подготовката за идните фази е она што гарантира одржливост и стабилност, кажа Битиќи.
Тој додаде дека според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 GW (гигавати), што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија.
-Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање на нови зелени и високо продуктивни работни места, кои според проекциите за 2030 година велат дека во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони, кажа Битиќи.