23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАИЗБОР

Агенцијата поднесе пријава до Обвинителството против продукцијата на Манчевски: „Направени се очигледни неправилности“

Агенцијата за филм тврди дека нема лаги и дезинформации во постапките поведени за продкцијата на режисерот Милчо Манчевски „Банана филм“.

Од Агенција тврдат дека не се точни информациите оти инспекциските служби не пронашле нелогичности во работењето на оваа продукција, како што се тврди во написите испратени до медиумите преку „Банана филм“.

„Како што е јасно наведено во известувањето и записникот на инспекторатот на Министерството за култура очигледни се нелогичности во работењето на оваа продуцентска куќа за филмот ‘Врба’. При надзорот констатирани се одредени нелогичности во однос на ангажирањето на „Милкман продукција“, поради што инспекторот не стекна разумно уверување за потребата од ангажирање на „Милкман Продукција“ од Њујорк. – стои наведено во записникот од извршениот инспекциски надзор“, велат од Агенцијата.

Додаваат дека со оглед на тоа што Министерството за култура не е истражен орган и нема надлежност да постапува, како што се наведува во известувањето, предметот го доставува до Управата за финансиска полиција, како надлежна за натамошно постапување.

Агенцијата повторува дека продукцијата не поднела завршен финансиски извештај за средства во висина од 55.000.000 денари за филмот „Мајки“ како и низа други неправилности, и постапила според нивната законска обврска и извршила увид во документацијата, по што е констатирано видно нарушување на процедурите: неподнесување завршен извештај и употреба на исправа-изјава со невистинита содржина, што според законите претставува кривично дело.

„Земајќи ги во предвид овие констатации, согласно своите надлежности Управниот Одбор на Агенцијата за филм имаше обврска да поднесе соодветна пријава до надлежното Обвинителство, и да соработува со Управата за финансиска полиција откако до истата управа инспекторатот при Министерството за култура го доставила записникот од извршениот вонреден инспекциски надзор“, се наведува во соопштението на Агенцијата и се додава дека сето тоа е поткрепено со соодветна писмена документација.

Што се однесува до извештајот на Државниот Завод за Ревизија, чиј текст беше изнесен во јавноста како тврдење за неправилно работење на Агенцијата за филм, потенцираат дека во него не постои констатација за материјално финансиски недоследности. Се додава дека извештајот на ДЗРМ е во духот на вообичаената пракса при нивниот увид во државните институции, а сите препораки се однесуваат на подобрување на административниот дел од функционирањето на нашата институција, па како таков раководството и УО на Агенцијата позитивно го прифаќа како патоказ за подобрување и поефикасно постапување на институцијата во рамките на своите законски надлежности.