Пратеничката група на ВМРО-ДПМЕ и коалицијата поднесоа измени на две законски решенија со цел да им се олесни животот на лицата што боледуваат од хронична болест од најтежок облик – цистична фиброза.
Пратеникот Петар Ристески образложи дека станува збор за измени на Законот за здравственото осигурување и на Законот за јавните патишта. Со измените на овие закони, рече тој, предлагаат ослободување од партиципација за лекување на лицата болни од цистична фиброза над 26-годишна возраст и ослободување од патна такса и патарини.
„Пред три месеци бевме сведоци на измени на Законот за лековите со цел лицата што се хронично болни од најтежок облик, цистична фиброза, да ја добијат потребната терапија. Со овие измени терапијата требаше да ја добијат сите болни од цистична фиброза, но тие сè уште се мачат и не може да го добијат лекот ‘трикафта’. Станува збор за речиси 130 лица во државава. Овие лица се заборавени од Владата предводена од СДС и ДУИ“, рече пратеникот Ристески.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата побараа итно да се обезбеди модуларна терапија за сите болни од цистична фиброза.
„Министерот за здравство, Фатмир Меџити, да престане да ја замајува јавноста со паркинг на Клинички, укинување директорски места во рамките на кампусот клиники ‘Мајка Тереза’ и како приоритет да се заложи лицата со цистична фиброза да го добијат потребниот лек“, рече Ристески.
До пратениците од владејачката коалиција порача да покажат доблест и да ги поддржат измените на овие два закона со цел олеснување на животот на лицата со цистична фиброза.