23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бабовски избран за нов Генерален секретар на регионалното претставништво на WOAH за Европа

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, во рамки на јубилејното 90 то Генерално Собрание на Делегати на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), кое оваа недела се одржува во Париз, Франција, денес е едногласно избран за нов Генерален секретар на регионалното претставништво на WOAH за Европа кое е надлежно за вкупно 53 држави.

На изборот на Бабовски на оваа функција му претходеше едногласна поддршка од страна на сите делегати – членови во регионалното претставништво на WOAH за Европа, што претставува признание за долгогодишните заложби и посветеност на Агенцијата за храна и ветеринарство и Владата на Република на Северна Македонија, во насока на креирање ветеринарни политики и имплементација на истите.

Изборот на Бабовски на оваа функција претставува природен тек на настаните кој произлегува од неговото активно учество во Советодавниот форум на Европската агенција за безбедност на храна ( EFSA), член на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните, Европската комисија за Лигавка и шап, неговата вклученост во управувањето со имплементацијата на меѓународните стандарди на WOAH, но и националните стандарди кои се во согласност со Европската унија.
Со изборот на Бабовски на оваа функција, Република Северна Македонија преку Агенцијата за храна и ветеринарство обезбедува директно учество во процесот на креирање на политиките од областа на здравствената заштита на животните на светско ниво, но и за прв пат со оваа инволвираност, како институција и како држава, се обезбедува непосредно учество во управните тела на оваа светска организација, менувајќи го досегашниот статус на нашата држава и директно на Агенцијата за храна и ветеринарство, од улога на учесник, во улога на креатор на светските политики за заштита на здравјето на животните и координатор на меѓународната соработка во областа.
Членството во управувачките тела на WOAH за АХВ е мотив плус за јакнење на сопствените административни капацитети, согласно највисоките европски и светски стандарди, но претставува и поголема одговорност како институција одговорна за безбедноста на храната и за здравствена заштита на животните, кон сопствените граѓани, државата и кон меѓународната заедница.
Со овој чин, WOAH го препозна, потврдува и го валоризира досегашниот професионален ангажман и континуирана работа на Агенцијата за храна и ветеринарство и директорот Бабовски на полето на унапредување на здравствената заштита на животните во земјава, а со тоа и заштита на здравјето на луѓето приклучувајќи се кон глобалниот концепт за “Едно здравје”.