26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Стоиљковиќ во Русија изворно го слуша планот на Путин за одговор кон западните санкции, а Мицкоски тврди дека не постои „проруска Македонија“

Претседателот на Демократската партија на Србите во Македонија и пратеник во Собранието, Иван Стоиљковиќ учествува на Безбедносен форум во Русија. Според она што го објавуваат дел од медиумите преку видео-обраќање на форумот се обратил и рускиот претседател Владимир Путин. Тој истакнал дека „Русија е убедена дека постои вистинска алтернатива на деструктивниот курс, политиките на уцена и нелегитимните санкции, а тоа е зајакнување на стабилноста во светот, доследна изградба на систем на единствена неделива безбедност, задачи насочени кон зајакнување на економскиот, технолошкиот и социјалниот развој“. Според Путин „тука, пред сè, неопходна е координација на напорите на сите земји, напорна работа врз основа на меѓусебно почитување, партнерство и доверба“.

Посетата на Стоиљковиќ на Русија не беше најавена иако во 2019-тата година тој тогаш напиша дека форумот е место и начин за водење професионален дијалог за проблемите од областа на безбедноста. Од објавените фотографии од овој настан, може да се забележи дека годинава пратеникот од коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ е во друштво на директорот на српската Безбедносна-информативна агенција, Александар Вулин, како и претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Претседателот на српската партија во Македонија, Стоиљковиќ важи за близок човек на Мицкоски и еден од најверните коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Но од најголемата опозициска партија засега нема осуда за посетата на коалицискиот партнер во Русија, особено што Кремљ претходно ја прогласи Македонија за „непријателска земја“.

Учеството на Стоиљковиќ на рускиот безбедносен форум се случи во истиот ден кога Мицкоски од Охрид кажа дека не постои „проруска Македонија“ и повтори дека коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржи уставните измени:

-Не постои лева или десна Македонија. Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, кажа Мицкоски.

Претходно пак, претставници на власта обвинија дека постојат структури во земјава кои се против уставните измени, со цел Македонија да не се интегрира во Европската Унија. Прстот беше вперен кон Левица, но исто така додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ е во заложништво на оваа проруска партија.