Граѓани пријавуваат неправилности во управувањето со тротинетите во Скопје. Велат дека и покрај тоа што ставиле крај на возењето, апликацијата продолжува да им наплаќа.
Скопјанец на социјалните мрежи го сподели своето искуство. Тој предупреди што се случува кога ќе сакате да го прекинете возењето. Вели дека и покрај тоа што стиснал крај на апликацијата, тоа било регистрирано, но сепак продолжило да одбројува и да наплаќа. Поради тоа морал онлајн да се жали и да се објаснува со часови, со Help центарот, на англиски или турски јазик.
„Во меѓувреме апликацијата си брои пари. Не е важно што тротинетот си го заклучил и оставил, а во меѓувреме можеби друг го превземал. Ти се мачиш со апликацијата, кај тебе стои активен кодот и иако го гледаш како заклучен, веќе некој друг може да го изнајми и да си го вози што всушност синоќа и се случи. Тебе важно сеуште ти брои пари односно апликацијата бидејќи има активна сесија која не можеш да ја прекинеш истата симулира дека го возиш. Полиција не може да ти помогне (и тоа го пробавме) бидејќи немаат никаков контакт со тоа. Реално се сложувам дека не е во нивна надлежност ниту пак се запознаени со некаква процедура врзана за ова“ вели тој.
Продолжува со објаснувањето колку би чинело ако се вози 24 часа или повеќе.
„Цената е 9 денари за една минута. За 24 часа ќе ви набилда сметка од 13.000 денари. За 10 дена 130.000 денари. Вистински хорор. 10 просечни тротинети ќе купите за тие пари. Нема каде да се обратите. Долгот е направен мора да си го платите. Немоќни сте. Што правиме? Залудно е кубење коси. Се’ е залудно. Уште и извршител ќе ви се јави за да си го подмирите долгот доколку во зададениот рок не го подмирите“.
Скопјани пред неколку дена на располагање добија 500 електрични тротинети паркирани на повеќе локации низ Скопје, но неколку од нив веќе биле оштетени од несовесни граѓани.