Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва беше дел од емисијата 24 Анализа на Телевизија 24. Дел од емисијата беа и претставникот од синдикатот на градежници, Иван Пешевски и претставникот на академската јавност, професор Лазар Јовески.
„Собраниската расправа на пленарната седница заврши за Законот за работни односи стојам на тоа дека законот е во рамки на уставот“ рече Тренчевска на почетокот од емисијата.
Министерката посочи дека законот за работни односи не е против уставот и истакна дека на прво место е доброволноста на работникот за прекувремената работа, како и податокот дека со новиот закон не се утврдува 60 часа работна недела. Министерката го посочи и фактот дека градежната работа зависи и од временските услови што ја ограничува можноста на работниците да работат поради забраните за работа преку лето. Таа посочи дека во оптимални услови ќе се одвива прекувремена работа со претходна согласност на работникот.
„Најважното во изградбата на коридорот 8 и 10д е улогата на државниот инспекторат за труд. Веќе се ставени во месечните планови за работа редовни и вонредни посети во случај на претставка на инспекторатот за да се контролира дали се исполнуваат законските обврски, дали има плаќање на прекувремените часови и дали има евиденција на истите“ рече Тренчевска и таа објасни дека тоа ќе го гарантира почитувањето на работничките права.
За време на емисијата говорниците се осврнаа и на покачувањето на платите на функционерите.
„Бараме решение за зголемувањето на платите по одлуката на уставниот суд. Ќе најдеме решение за сите плати и ќе ја намалиме платата на функционерите. Сите плати ќе
бидат пресметувани по иста методологија“ посочи Тренчевска.
Министерката рече дека се работи на нова методологија со која ќе се пресметува платата по коефициент на сложеноста на работа. Тренчевска се задржа на важноста на преговорите за овие прашања на Економско социјалниот совет и посочи дека таму од особена важност е гласот на сите засегнати страни.