Бидејќи сè уште Собранието ги нема донесено нашите предложени измени на Законот за средното образование за воведување средношколска демократија, Сојузот на средношколците како членка кандидат се обрати до организирачкото биро на европските средношколски сојузи, т.е. до Европската организација на средношколците, стои во информацијата од таму.
Појаснуваат дека нивните европски партнери и соработници упатиле писмо за поддршка, кое тие го споделиле со претседателот на Републиката, претседателот на Собранието, претседателот на Владата и со шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата.
„Во писмото тие упатуваат порака кон целата држава: ‘Очите на сите ученици во Европа се вртат да видат како вашиот предлог ќе биде прифатен од вашите законодавци. За да ја постигнеме функционалната, демократска Европа кон која се стремиме, мораме да го дадеме нашиот дел за да донесеме позитивни промени. Тоа може да го донесе само силното граѓанско општество, кое не може да постои без средношколското и студентското самоуправување“, се истакнува од страна на Сојузот на средношколците.
„Не можеме да нагласиме колку е важна целосната интеграција на средношколскиот глас во образовните процеси за добро функционирање на граѓанското општество во целина. Во текот на историјата националните средношколските иницијативи во Европа ја поминаа истата борба за правно признавање на ученичкото организирање, како и вашата што ја водите сега“, се вели во писмото од одборот на OBESSU.
Ученичкото учество и средношколската демократија се важни за да произведеме една свесна информирана индивидуа, која би се вклучила во демократскиот живот водејќи се од чувството на должност и општествена одговорност. Можностите за средношколецот да избере кој ќе го претставува на сите нивоа се подобри од кога било. Гласот на поединецот вреди сè повеќе.
Сојузот на средношколците ги повикува македонските институции потребата од средношколска демократија да ја сметаат за мошне сериозна и важна за нашата држава штом европското граѓанско општество јасно ни посочи дека дека тоа е нужно за целосна демократизација и функционализација на Македонија.