8.8 C
Скопје
18. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Петровска – Дрекслер: Одлична воено-политичка соработка, силна германска поддршка за евроинтеграциите

Денеска, во Министерството за одбрана, министерката Петровска се сретна со новопоставената амбасадорка на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.

На средбата Петровска потенцира дека благодарение на силната германска поддршка Северна Македонија денес е членка на НАТО и истовремено упати благодарност за безрезервната поддршка на нашиот пат кон побрза евроинтеграција.

„Сметаме дека силната германска поддршка е предуслов за успешно постигнување на нашиот втор стратешки императив – полноправно членство во Европската Унија, на која работиме многу напорно“, рече Петровска.

Амбасадорката Дрекслер посочи дека двете држави како НАТО-сојузнички имаат одлична воено-политичка соработка и дека е мошне значајно за Северна Македонија да продолжи да чекори на патот кон европската интеграција преку спроведување на уставните измени со цел да не се одолжи процесот.

„Република Северна Македонија има одлична можност да ги отвори поглавјата во преговорите со Европската Унија преку спроведување на уставните измени во 2023 година за да не се изгуби драгоцено време и да се избегне ризикот од долгогодишно забавување на интеграцијата“, порача Дрекслер.

Воедно, на средбата беше истакната одличната одбранбена билатерална соработка во голем број области, како военото образование и обуката во одбраната, во која се одвиваат повеќе активности, како експертски разговори, курсеви и работилници, со можност за продлабочување на соработката.

Петровска и Дрекслер на крајот од средбата заклучија дека двете земји ќе продолжат активно да придонесуваат во одржувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на Европа и регионот, но и да му дадат максимална поддршка на украинскиот народ во борбата за слобода.