26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Тренчевска: Преку кампањата „Здрав оброк за секое дете“ до здрави навики на децата за консумирање на домашно овошје

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денеска ја посетија детската градинка „13 ноември“ во Општина Центар, со цел промоција на Програмата за поттикнување на потрошувачка на свежо овошје за 2023 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а во соработка со Министерството за труд и социјална политика.

Програмата ги вклучува сите градинки во државата и предвидува свежо сезонско овошје секој ден, за секое дете.

Министерката Тренчевска го истакна значењето на здравата исхрана при што порача дека храната треба да биде лек, а лекот треба да е храна за да имаме здрави и среќни генерации.

„Децата од предучилишните установи ќе добиваат свежи сезонски овошја од домашно производство како кајсии, праски, сливи, круши и јаболки во текот на 5 месеци, односно секое дете треба да добие по 1 (еден) килограм овошје неделно. Оваа програма е поддржана и претставува донација од страна на Владата Република Северна Македонија,“ истакна Тренчевска.

Министерот Николовски истакна дека оваа програма е продолжение на она што министерството го започна минатата година, но сега со двојно поголем буџет.

„За оваа година, издвоивме 40 милиони денари со кои ќе се откупат 880.000 килограми овошје од прва класа и тоа најмалку 90.000 кг кајсии, 175.500 кг праски, 168.000 кг сливи, 74.000 кг круши, 370.000 кг јаболки. Секое дете, еднаш неделно ќе добие по еден килограм сезонско овошје. Тоа е целта, децата да јадат свежо овошје кое е соодветно на сезоната во која се произведува. Опфатени се 38000 деца од сите градинки во државата“ изјави министерот Николовски.

На тема здрава храна за секое дете, министерката Тренчевска се осврна и на иницијативата на Министерството за труд и социјална политика за ревидирање на Правилникот за стандарди и нормативи за исхрана во градинките.

„Во соработка со компанијата Ново Нордиск и УНИЦЕФ и учество на претставници од релевантни институции, направивме измени во правилникот кои предвидуваат зголемен внес на свежо овошје и зеленчук. Потоа, месечната листа на јадење да биде секој ден различна бидејќи нашето поднебје располага со богат избор на овошје и зеленчук за подготовка на оброците во детските градинки,“ посочи Тренчевска.
Министерката ја најави и следната активност, а тоа е едукација за грижа и превенција на здравјето во детските градинки и во семејни услови преку соодветна и правилна исхрана. Со оваа едукација ќе бидат опфатени сите стручни профили – вработени во детските градинки, едукација на децата и на родителите.
Министрите изразија подготвеност за понатамошни вложувања во правилниот раст и развој на децата и отвореност за соработка во насока на унапредување на квалитетот на живот на нашите најмлади граѓани -децата, кои се иднината на нашата држава.