24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Го посвоила, па го продавала 14-годишното девојче под уцена дека ќе ѝ ги повреди сестрата и братот – детали за трговијата со деца во Македонија

Четиринаесет годишно девојче е жртвата на трговијата со деца, кое било продавано за сексуални услуги на 11 лица. Обвинителството посочува дека истрагата траела повеќе месеци, а бара и притвор за сите десет осомничени. Девојчето и нејзините сестра и брат биле земени на чување од жена, која е првоосомничена за трговијата со деца. Се заканувала дека ако не изврши полови дејства со лицата, ќе бидат повредени брат ѝ и сестра ѝ.

„Според наводите содржани во диспозитивот на наредбата за спроведување истражна постапка во летото 2020 година, првоосомничената го прифатила четиринаесетгодишното дете жртва во својот дом, а подоцна ги прифатила и нејзините десетгодишна сестра и седумгодишен брат за да се грижи за нив поради нарушените односи во нивното семејство. Набргу потоа, искористувајќи ја состојбата на немоќ и ранливост на детето жртва, заканувајќи ѝ се и применувајќи други форми на присилба, почнала да го подведува детето на вршење полови дејства со дел од осомничените и друг лица за одреден паричен надомест. Честопати заканите кон детето жртва биле поврзани со нејзините брат и сестра, дека доколку не ги прифати договорените сексуални активности, децата ќе ги остави во дом или ќе ги врати кај нивната мајка. Подоцна, уште тројца од осомничените, по претходен договор со првоосомничената, а со цел стекнување за себе противправна имотна корист, две години, искористувајќи ист траен однос и исти услови, во повеќе наврати го подведувале детето на вршење полови дејства по пат на сексуална експлоатација со другите осомничени и други лица, меѓу кои имало и жена. Осомничените корисници на сексуалните услуги, иако знаеле дека детето е жртва на трговија со дете, на подведувачите им исплаќале паричен надомест во висина од 50 до 200 евра“, велат од Обвинителството.

Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор за сите осомничени.

„За кривичното дело што им се става на товар на осомничените и кое директно го крши протоколот кон Конвенцијата за правата на детето, што се однесува на трговија со деца, детска проституција и детска порнографија (МД-44/03-95), запретена е казна затвор во траење од најмалку 8 години, а за делото сторено од првоосомничената најмалку 10 години“, додаваат од Обвинителството.