24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

35. Меѓународен Саем на книга со зголемена посета како пред пандемијата

Седум дена средби со автори, промоции на нови дела, креативни работилници, седум дена славење на пишаниот збор, седум дена истражување на безбројните светови создадени од страна на авторите, седум дена од Саемот на книга исполнет со најлојалните љубители на читањето.

Годинешното јубилејно издание на 35. Меѓународен Саем на книга, траеше од 4ти до 10ти мај во Арена – Борис Трајковски, а на истиот учестуваа повеќе од 60 домашни и странски издавачки куќи.

Oчекувањата во однос на присутни изложувачи, посета и одржани промоции на Саемот на книга, оваа година дефинитивно се исполнети, а и надминати. Јубилејното издание донесе значително поголем број на промоции на нови книги и средби со автори, во состав на дуалната програма на саемот, – во Промотивниот центар, како и на штандовите на издавачите. Со 60 промоции на нови наслови и средби со автори, креативни работилници, програмата оваа година беше најбогата во историјата на овој саем. Посетителите оваа година ја потврдија својата посветеност, а тоа е зголемениот интерес за купување на нови книги. Посетата на Саемот е близу 30.000 посетители и тоа е цврст доказ и показател за враќање на успешноста на Саемот на книга како пред пандемијата.

Главен фокус во претстојниот период е за 36. Меѓународен Саем на книга за наредната година да се воведат уште повеќе новитети, согласно глобалните трендови, сѐ со цел да се исполнат сите нови очекувања на модерниот читател, како и на издавачите и авторите, кои заедно се јадрото на Саемот на книга.

Покровител на годинешното издание на 35. Меѓународен Саем на книга е Министерството за култура.