25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
Group photo 189th NATO Chiefs of Defence Meeting and H.E. Jens Stoltenberg, NATO Secretary General
МАКЕДОНИЈА

Учество на началникот на Генералштабот на конференција на Воениот комитет на НАТО

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во работна посета во Брисел, во текот на денешниот ден во седиштето на НАТО во Брисел учествува на редовната конференција на Воениот комитет (ВК) на НАТО.

На коференцијата, со која раководи претседавачот на ВК, адмирал Роб Бауер, учествуваат и врховните команданти на Сојузничките сили во Европа и на Сојузничките сили за трансформација, генералите Кристофер Каволи и Филип Лавињ.

На почетната сесија, од страна на генералниот секретар Јенс Столтенберг, пред првите луѓе на армиите на земјите членки на НАТО и Шведска, како поканета земја, се опфатени клучните приоритети и предизвици кои се од стратешко значење за Алијансата.

Во работните сесии, согласно агендата, началниците на Генералштабовите најпрвин дискутирале за актуелната состојба во Украина и продолжување на континуитетот на поддршката на НАТО за Украина.

Во текот на конференцијата се разговара и за имплементација и зајакнување на позициите на НАТО во однос на политиката за одбрана и одвраќање, пред одлуките на претстојниот самит во Вилнус, како и дополнителни насоки во врска со ревизијата на одбранбената положба на НАТО, договорена на претходниот самит во Мадрид.

Донесените заклучоци, по завршување на денешната конференција на ВК, ќе бидат соопштени од претседавачот и врховните команданти на Сојузничките сили.

Генералот Ѓурчиновски ќе оствари и билатерални средби со првите луѓе на сојузничките армии, преку кои ќе се разменат ставови и иницираат билатерални одбранбени активности.

Началникот на Генералштабот, за време на работната посета, ќе го посети военото претставништво на Република Северна Македонија во Шејп, Монс и ќе оствари средби со нашите претставници во мисијата при НАТО.

Армијата на Република Северна Македонија активно придонесува во сите активности на НАТО, каде покрај меѓународните операции и заедничките вежбовни активности учествува и во командните и штабни структури на НАТО.

Со нашето учество во рамките на НАТО мисиите „Зајакнато истурено присуство“ во Латвија и „Активности на зголемена будност“ во Бугарија и Романија ја демонстрираме нашата подготвеност и интероперабилност и сме респектабилен партнер во колективниот систем за одвраќање и одбрана на НАТО.