Јакнењето на професионалната и кариерна ориентација е еден од приоритетите на Министерството за образование и наука. Во Стратегијата за образованието 2018-2025, со акцискиот план е зацртано подобрувањето на услугите за професионална ориентација и кариерно насочување и тоа почнувајќи од основното, средното, стручното сè до високото образование. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на денешната конференција на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Тетово, која беше посветена на предизвиците на наставниците и училишните психолози поврзани со професионално насочување на учениците.
„Донесовме Програма за професионална ориентација за учениците од осмо и деветто оделение, за да ја зголемиме нивната подготвеност за натамошното образование и проширување на нивните интереси за различни видови професии. Преку социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, ги информираме за можностите и предностите на стручното образование, од аспект на брзо вработување но и проодноста кон високото образование“, рече Шаќири.
Тој информираше дека во средното образование во рамки на проектот “ЈЕС мрежа”, со финансиска поддршка на УСАИД, во 53 средни училишта беа воспоставени кариерни центри, со околу 200 кариерни советници, кои поминаа посебна обука и се оспособени преку употреба на различни техники да му помогнат на ученикот да ги спознае сопствените капацитети, вештини и интереси, со цел да направи вистински избор во однос на својот професионален развој.
„Како креатор на политиките во образованието, Министерството за образование и наука предложи нов Закон за средно образование, кој е во собраниска процедура и во рамки на кој кариерно советување на учениците станува законска обврска на средните училишта. Тоа го направивме и со новиот Закон за високо образование, со кој секој Универзитет има обврска да основа најмалку еден центар за кариера, кој води посебна евиденција за поранешни студенти, но и организира саеми за кариера на секој факултет, односно универзитет“, истакна министерот за образование и наука.
На крајот од своето обраќање, Шаќири рече дека цел на МОН и на Владата е да изградат квалитетен систем на образование кој ќе овозможи секое дете целосно да го реализира својот потенцијал, за како што нагласи, да ја градиме државата како заедница на здрави, успешни и среќни граѓани.