26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

ФИТР со нов јавен повик „Стартапувај 5” наменет за поддршка за македонскиот стартап еко систем

Фондот за иновации и технолошки развој денеска го објави јавниот повик Стартапувај 5, со кој вкупно 2 милиони евра неповратни финансиски средства се ставаат на располагање за поддршка на македонскиот стартап еко систем.

Јавниот повик „Стартапувај” е петти по ред ваков повик, кој обезбедува олеснети услови за аплицирање и олеснет финансиски пристап за старт-ап и спин-оф компаниите. Целта е да се поттикне иновативноста кај новооснованите компании преку обезбедување на неопходната финансиска поддршка за активности поврзани за истражување и развој. Поддршката преку овој повик е наменета за проекти кои имаат најмалку „потврден концепт” и јасна амбиција на комерцијализација, како и проекти кои се во фаза на потврден концепт до преткомерцијална (претпазарна) фаза.

Добиените средства на овој повик се неповратни, со што македонските стартап компании добиваат огромна пподдршка но и можност да воведат иновации во своето работење, да го унапредат својот производ / услуга и да остварат успех на пазарот. Од вкупниот буџет на повикот, Фондот ќе обезбеди 40.000 евра (до 90%) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва до три години на постоење, односно до 60.000 евра (85%) од вкупниот буџет на проект за трговски друштва со над 3, а помалку од 6 години постоење. Преостанатиот износ од 10% односно 15% од вкупниот буџет за проектот ги обезбедува апликатнот.

На овој повик, може да аплицира и тим кој се состои од најмногу пет членови – физички лица. Во овој случај, Апликантот е обврзан во рок од 30 календарски дена по прием на Известувањето за селекција на предлог проектот, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе се јавуваат најмалку 51% од членовите на тимот.

Во однос на активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање, ќе бидат поддржани активности за истражување и развој, развој на пилот линии, производ или услуга, активности за тестирање и валидација, активности за тестирање и други. Како подобни трошоци ќе се сметаат: бруто платите за лица кои се или ќе бидат вработени кај корисникот, набавка и/или изнајмување на опрема и потрошни материјали за истражување и развој, како и поддоговорни услуги за истражување и развој.

Во однос на процесот на евалуација, сите пристигнати проектни апликации ќе поминат низ две фази, односно фаза на претселекција, која се спроведува од страна на три, домашни стручни лица, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериумите за евалуација и едно лице од областите што соодветствува на предлог проектот. Фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој ја донесува и конечната одлука за финансирање преку овој Инструмент.

Јавниот повик „Стартапувај 5” е отворен до 15 Јуни 2023 година, до 14.00 часот. Целата проектна документација и начинот на аплицирање се достапни на веб страната: https://shorturl.at/hwxLP