25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Ковачевски-Блинкен: Стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија се продлабочува, целосна поддршка од САД за следните чекори во евроинтеграциите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на Вашингтон, вчера, во попладневните часови по американско време се сретна со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

На средбата Ковачевски и Блинкен разменија мислења за билатералните односи помеѓу Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

На средбата на која беше присутен и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Ковачевски оцени дека двете држави во континуитет негуваат продуктивен политички дијалог и дека Северна Македонија останува стабилен стратешки партнер и докажан сојузник на САД. Двете држави споделуваат длабоки врски, засновани на заедничка почит на демократските вредности и човековите права и ваквите односи ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика.

Американскиот државен Секретар Блинкен, на состанокот потенцираше дека САД високо го ценат придонесот на Република Северна Македонија во регионалниот контекст но пред се како цврст НАТО сојузник. Блинкен истакна дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Северна Македонија во нејзините следни чекори високо ценејќи ги досегашните храбри и мудри одлуки кои Владата ги презеде во насока на обезбедување просперитетна иднина во рамки на ЕУ и НАТО.

Блинкен ја пренесе силната долгогодишна поддршка на претседателот Бајден на регионот и особено на Северна Македонија, со надеж дека земјата ќе ги искористи можностите кои се пред неа, а на тој пат, државниот секретар потенцираше дека САД ќе стојат цврсто со Северна Македонија.

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски потенцираше дека Северна Македонија добива силна и континуирана поддршка од САД во остварувањето на стратешките цели од прогласувањето на независноста до денес.

Премиерот изрази искрено задоволство од успешното започнување на Стратешкиот дијалог со САД, што е нова одредница во нашите пријателски односи, подобрување на взаемните политички, економски и други форми на дијалог, образовни и културни врски.

Ковачевски истакна дека тој дијалог е од интерес на двете земји за конкретизирање на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Премиерот Ковачевски ја нагласи важноста од досегашната поддршка на САД за продолжување и интензивирање на реформскиот процес за натамошна демократизација на нашето општество, веладеење на правото, борба со корупција и криминал, што е значајно охрабрување во процесот на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

Во оваа насока беше потенцирана целосната поддршка која Северна Македонија ја добива од страна на САД во насока на преземање на следните чекори во евроинтегративниот процес на земјата.

Престедателот на Владата истакна дека реформите за владеењето на правото и борбата против корупција се највисоки приоритети. Премиерот потенцираше дека Владата на Северна Македонија високо ја цени американската поддрршка за развојот на антикоруптивни стратегии за секоја земја од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија, како поддршка на националните антикоруптивни стратегии кои се веќе креирани во многу области.

На средбата Ковачевски посочи дека демократските институции на Северна Македонија, инклузивната и мултиетничка демократија се стимул за земјите од Западен Балкан и му покажуваат на регионот дека демократијата ги негува условите што се потребни за да се промовира непрекината безбедност и просперитет.

Поддршката од САД продолжува и во периодот што претстои, бидејќи тоа е од голема важност за стабилноста и просперитетот и на Северна Македонија, но и на регионот.