11.8 C
Скопје
24. април 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
БИЗНИС

Битиќи: Либерализацијата на пазарот на труд е потребна и за растечката ИКТ-индустрија

Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска одржа работен состанок со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.

На состанокот се зборуваше за прашањето за недостиг на работна сила на пазарот на труд во Северна Македонија, ситуација што не го заобиколува ниту сегментот на ИКТ-индустријата, поради што од страна на претставниците на МАСИТ беше нагласена потребата од либерализација на пазарот на труд.

„Се соочуваме со структурни промени, кои бараат приспособување на вештините на граѓаните на потребите на пазарот на труд, само на тој начин може да се гради економија што ќе ги следи дигиталните можности што се поставуваат пред неа и на тој начин да расте. Развојот на дигитални вештини кај економски активното население претставува добра основа за понатамошниот раст на ИКТ-индустрија, но дополнителни развојни потенцијали ќе се добијат и со либерализацијата на пазарот на труд“, рече Битиќи.

Битиќи беше запознаен со повеќе иницијативи и процеси на неформално образование, кои се спроведуваат од страна ИКТ-секторот во земјата, а кои се ставени во функција во кратки временски периоди да извршат преквалификување работници во согласност со потребите на оваа растечка индустрија.

Битиќи истакна дека дијалогот со претставниците на стопанските комори е важен во отворањето теми што се од суштинско значење за општеството.

„Мора заеднички да дојдеме до подобра позиција на домашните компании во процесите на дигитализација во рамките на јавно-приватниот дијалог“, истакна тој.

Претседателот на управниот одбор на МАСИТ, Илија Господинов, истакна дека со воспоставената комуникација преку Комисијата за јавно-приватен дијалог се добива висока вредност за сите фактори во овој процес за надминување на тешкотиите и предизвиците со кои соочуваат компаниите од ИКТ-индустријата.

„На пат сме да го пронајдеме вистинскиот начин, кој ќе даде резултат преку повисоко ниво на формална комуникација и оперативни чекори ќе дојдеме до подобар дијалог и интеракција помеѓу коморите и Владата“, рече Господинов притоа нагласувајќи ја потребата од олеснување и унапредување на административните процедури во делот на ангажирање работна сила во ИКТ-индустријата.

Спонзорирано: