25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Репортери без граници: Новинарството е под закана од индустријата на лажни содржини

Во Индексот на Слобода на печатот во светот за 2023, Репортери без граници укажуваат на растеж на индустријата на лажни содржини, која го подрива и го слабее квалитетното новинарство.

„Во 118 земји (две третини од 180-те земји оценети со Индексот), повеќето од испитаниците на прашалникот на Индексот изјавија дека политичките актери во нивните земји честопати или систематски биле вклучени во масовни дезинформации или пропагандни кампањи…Се замаглува разликата помеѓу вистинитата и лагата, реалното и вештачкото, фактите и изопачувањата, со што се загрозува правото на информации“, се посочува во извештајот.

Годинешниот Индекс на Репортери без граници укажува и на значајниот подем на вештачката интелигенција и предизвиците што ги носи за медиумите и новинарството. „Извонредниот развој на вештачката интелигенција предизвикува дополнителен хаос во медиумскиот свет, кој веќе беше поткопан од Web 2.0. Во меѓувреме, сопственикот на Твитер, Илон Маск, го турка до крајност произволниот пристап кон информациите базиран на плаќање, покажувајќи дека платформите се жив песок за новинарството“, се констатира во Индексот.

„Теренот беше погоден за зголемување на пропагандата од страна на Русија (164-та), која падна за уште девет места во Индексот за 2023 година. За рекордно време, Москва воспостави нов медиумски арсенал посветен на ширењето на пораката на Кремљ во окупираните територии во јужна Украина, притоа газејќи ги жестоко последните преостанати независни руски медиуми, кои беа забранувани, блокирани и/или прогласени за „странски агенти“. Руските воени злосторства во Украина (79-та) помогнаа оваа земја да добие една од најлошите оценки на Индексот за безбедност.“

Во извештајот се констатира и дека слободата на печатот во Европа е засенета од војната во Украина: „Во 2022 година, војната во Украина му овозможи на Кремљ да започне конечна „чистка“ на рускиот медиумски пејзаж. Системската цензура и принудниот егзодус на независните руски и странски медиумски изданија го ослободија просторот за ширење на координирана пропаганда од страна на провладините медиуми.“

Во Индексот на Слобода на печатот во светот 2023, Северна Македонија е рангирана на 38 место, со жолта боја, како и повеќето земји членки на ЕУ. Нашите соседи земји членки на ЕУ се рангирани многу полошо: Бугарија е на 71 место, а Грција е дури на 107 место, последна во регионот, заради шпионирање на новинарите од страна на тајните служби.

Во генералната оценка за Северна Македонија во извештајот се потенцира раширеноста на погрешни информации: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените погрешни информации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните изданија на закани и напади. Понатаму, владините функционери се склони да имаат лоши и омаловажувачки ставови кон новинарите.“

Исто така, во извештајот се укажува дека социјалните мрежи и дигиталната сфера генерално фаворизираат ширење на дезинформации и сајбер-закани: „Во комбинација со ниските професионални стандарди, тие придонесуваат за пад на довербата на јавноста во медиумите и отвораат пат за напади врз новинари врз основа на пол, етнички или религиозни критериуми.“

извор: СМК