Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Со преспанскиот договор инвестиравме во иднината, им рече Петровска на студентите на Филозофскиот факултет

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска се обрати пред студентите и професорите од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ – Скопје, во рамките на серијата академски дијалози, кои се организираат по повод одбележувањето на годишнината од членството на Северна Македонија во алијансата и Денот на НАТО.

На денешните академски дијалози министерката Петровска со студентите дискутира за безбедноста на Македонија, политичката и воената поддршка за одбрана на Украина, неконвенционалните закани и сајбер-нападите, како и за процесите за модернизација на Армијата.

На почетокот на своето обраќање пред студентите министерката Петровска образложи зошто членството во НАТО е успешна приказна.

„Како дел од тој голем чадор на безбедност, ние во суштина на граѓаните им даваме друг вид заштита не само од аспект на безбедност туку ние им даваме сигурност низ економската призма. Бројот на компании што Северна Македонија ја гледаат како побезбедна држава, како подобра држава за инвестирање, апсолутно се зголемува откако ние сме земја членка на алијансата. Да не заборавиме. Приклучувањето кон алијансата не значи и не е само израз на добра волја. Ако ги видите наназад, од осамостојувањето па до пред некоја година кога станавме членка на НАТО, сите говори на сите политички партии, ќе видите дека имаме стратешки две цели – НАТО и ЕУ. Меѓутоа, на крајот во историјата не им се бројат на политичарите колку пати ги споменале во своите говори НАТО и ЕУ, туку се гледа што сме направиле за да станеме НАТО-членка и за да станеме членка на ЕУ. Затоа мислам дека одлуката да се направи сериозниот исчекор во 2018 година, со потпишувањето на преспанскиот договор, се гледа неговата вредност во инвестирањето во иднината на оваа држава, што всушност покажува дека ние политичарите понекогаш имаме малку потешка задача. По извесно време, се виде дека таа одлука е мошне исправна“, потенцира Петровска.

Говорејќи за војната во Украина пред студентите, министерката Петровска порача дека секој еден од нас има основна обврска да биде на страната на меѓународното право, кое вели дека ниедна агресија, особено агресија врз суверена независна држава не може да биде неказнета.

„Зошто ја донесовме одлуката за донирање воена опрема и помош? Заради тоа што Украина е суверена држава и Украина има право да се одбрани. Да не заборавиме, војната во Украина не почна од Украина, туку почна со неоправдана агресија од страна на Русија. Основна обврска на секој еден од нас е да биде на страната на меѓународното право. Тоа е, всушност, вистинската причина зошто повеќето од земјите во светот, слободно ќе кажам, се одлучивме и се обединиме да ѝ помогнеме на Украина не во војната, туку во одбраната на сопствената територија“, потенцира Петровска.

Министерката се осврна и на потребата на развој на капацитетите за одбрана од современите опасности, како што е сајбер-одбраната.

„Тука има сериозен предизвик за секоја од државите, колку повеќе една технологија се развива, толку побргу и повеќе ние мора да инвестираме во сопствените капацитети за да бидеме способни да дадеме одговор на тие закани. Апсолутно, работиме на зајакнување на капацитетите на институциите, кои треба да ни гарантираат дека во секој случај, ако се појави каков било сајбер-напад, институциите ќе бидат подготвени да одговорат “, рече Петровска.

Во дијалог со студентите министерката Петровска одговараше и на нивните прашања за одбраната, Долгорочниот план за развој на одбранбените способности, како и вложувањата што Министерството во последните години ги презема за модернизација на Армијата.

Спонзорирано: