ВМРО-ДПМНЕ води хајка против најголемата градежна офанзива за изградба на автопатиштата, рече пратеникот на СДСМ, Миле Талевски во гостувањето во Алсат телевизија.
-Во рок од 30 години од нашата независност вкупно се изградени 136 километри автопати. Сега, со специјалниот закон којшто беше донесен во месец јуни 2021 година, ќе се градат 110 километри автопати за пет години. Градежната офанзива, за која се обврзавме ние како пратеници со носењето на законот пред две години почнува сега и ВМРО-ДПМНЕ води хајка. Секој ден се презентираат измислени работи и спинови, лажни вести… Прво, зборуваа за надзорот, па сега го заборавија надзорот и преминаа на нешто друго. Второ, ВМРО-ДПМНЕ води хајка против најголемата американска компанија „Бехтел“ која има сериозно искуство во изградба на автопати низ целиот свет. САД се нашиот стратешки партнер. Зошто ВМРО-ДПМНЕ го прават ова, треба да дадат одговор, потенцира Талевски.
Пратеникот на СДСМ потсети дека ВМРО-ДПМНЕ имало понуда да учествува во Управувачкиот комитет, каде што се носат сите одлуки врз основа на специјалниот закон донесен во Собранието.
-Зошто не учествуваа тие? Затоа што бараат начин како да лажат и манипулираат со јавноста. Уште еднаш ги повикувам да се вклучат во целиот процес. Сега во Собрание кога ќе почне целиот процес околу дебатата при разгледувањето на Договорот нека се вклучат и го разгледаат. Ако овие работи за кои зборуваат периодов не се предвидени ги повикувам јавно да се извинат и да не и прават штета на државата. Јас сакам автопат сега, а не да ми се узурпира тоа право. Најголемата лага е дека државата ќе плаќа пенали. Ние како пратеници во интерес на граѓаните и државата имаме обврска да ги донесеме овие закони во Собранието врз основа на дебата. Затоа што веднаш ќе почне да се гради, ќе трае пократко изградбата на патиштата и ќе чини помалку, заклучи Талевски.