17.8 C
Скопје
16. јуни 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Сметките на „Жан Митрев” остануваат блокирани, одлучи Апелација и му ја одби жалбата

Апелациониот суд во Скопје донесе одлука да одбие жалбата на Жан Митрев, што значи дека сметките на ПЗУ Клиничка болница Жан Митрев од Скопје остануваат блокирани.

Оваа одлука е донесена во врска со кривичниот предмет КЖ-208/23 и по препорака на Основниот кривичен суд Скопје, кој определи привремени мерки за обезбедување имотно-правно побарување на Обвинителството.

Согласно одлуката на Апелациониот суд, привремените мерки вклучуваат забрана за оптоварување и располагање со недвижноста, како и забраната за исплата на износите наведени во изреката на обжаленото решение од сметките на ПЗУ Клиничка болница Ж. М. од Скопје.

Донесената одлука ќе биде објавена на веб-страницата на судот во целост.

Обвинителството во јануари поднесе обвинение против Жан Митрев и неговата приватна клиника, а судот го прифати.

Вкупно 283 пациенти се пријавиле како оштетени, а за кривичното дело кое му се става на товар на Митрев, предвидена е казна затвор од 1 до 10 години.

Третманот на ковид-пациенти во клиниката Жан Митрев ја бранува јавноста уште од јули минатата година, откако на оваа тема ИРЛ го објави документарецот„Нечиста крв“, по што беше отворен и предметот во ОЈО Скопје.

Истражувачката репортерска лабораторија во документарниот филм објави дека дошла до неколку сознанија меѓу кои клучното е дека хемофилтрацијата, за која во Жан Митрев наплаќале по илјадници евра, е клиничка студија која мора да биде пријавена и одобрена од Агенцијата за лекови – нешто што според новинарскиот тим, не било направено.