24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пендаровски: Ги поддржуваме аспирациите на Косово за ЕУ и НАТО, ќе помогнеме со нашите искуства

Претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со косовската колешка Вјоса Османи го реафирмира ставот за поддршка на евро-атлантските аспирации на Косово.

Пендаровски рече дека Северна Македонија е подготвена да ги сподели своите искуства во однос на реформските процеси, како на патот кон Европската Унија така и во однос на членството во НАТО.

Истовремено, изрази и поддршка за одлуката на Европската Унија за визната либерализација за Косово и учеството во разните регионални формати на соработка.

„Неизбежна тема, се разбира, беа и односите на Косово со Србија, при што го реафирмирав нашиот став по ова прашање, а тоа е дека го поздравуваме постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на Европската Унија за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, чија имплементација ќе придонесе за мирот, стабилноста, безбедноста и за развојот не само на нашите соседи туку и на регионот во целост“, рече Пендаровски.

На средбата со косовската претседателка разговарале и за можностите за унапредување на правата на Македонците во Косово во време кога, за жал, како што вели, некои странски пропаганди се повторно активирани. Во таа насока заедничката цел е зближување на граѓаните од двете страни на границата и олеснување и интензивирање на прекуграничната соработка.

Претседателот оцени дека со Османи имале содржаен разговор, на кој станало збор и за актуелната и за идната економска соработка.