22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Надежта никогаш не умира: зависници се лекуваат во столарска работилница без лекови

Тмурен и врнежлив ден среде цутот на пролетта. На патот кој води накај Драчево, ако продолжите десно во правец Батинци за кусо време ќе наидете на Рето центар. Со ведар чекор, работнички ракавици кои наѕираа од работничките пантолони ве пречекува млад и енергичен човек, пишува Трн.мк.

„Пред четири години вака застанав овде, пушев цигара и видов луѓе кои зрачеа со живот. Ја изгмечив цигарата во дланките, додека жарот пржеше и ги прашав луѓето дали има надеж“, вели Гоце Мукевски

Пред скоро две децении желбата да се покаже храброст, со доза на неискусност и непромисленост еден млад битолчанец бестрашно се впушта во оковите на хероинот, следствено и метадонот. Неговото име Гоце и презиме Мукевски некогаш синоним за зависник од дрога.

Денес, што би рекле некои, дете за пример и баш таков е. Храбро и со гордост раскажува дека најголемото зло што може да си го направи човек е да е зависник на нешто. Менталното и физичкото распаѓање со губење на најблиските, искушението да се оди по работ на дното или да се воскликне кон излезот го донеле во Рето центар.

По скоро половина деценија тој тука е волонтер. На шега вели:

„Кога ќе дојдат нови лица им поставувам едноставно прашање, како си и како се чувствуваш? Ако рече дека е лошо тоа е добро хахах зошто? Не е нормално во центар за рехабилитација да се чувствуваш добро. Најважното е да не се откажеш. Кога ќе донесеш цврста и решителна одлука се е можно“, додава Мукевски.

Додека со четка ги отстранува струготините од машината за дупчење на дрво, погледот го врти на кај некои готови дрвени столчиња. Раскажува дека се дело на штитеник кој е во процес на надминување на кризи. Му навираат спомени и измешани емоции во кои преовладува среќа и гордост.

„До крајот на животот нема да ги заборавам првите, а уште повеќе последните денови од процесот на ослободување од ропството на хероинот и метадонот. Се сеќавам првиот ден поминав добро, но затоа следните две недели беа поминување низ вистински пекол. Но не потклекнав и одлучен бев да се ослободам од најголемото зло што може да постои, наречено дрога. Добро се сеќавам и на последниот ден од зависноста, надминувањето на било која криза кога во дворот цепев дрва. Си ја почувствував силата и младоста, нешто што не сум го почувствувал скоро петнаесет години“, вели Гоце Мукевски.

Мукевски вели, кога некој ќе сфати дека му е лошо од робувањето на дрогата тогаш е добро, има надеж да се излезе.

Целиот текст на Трн.мк