Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Костадиновска-Стојчевска: Универзитетот „Св. Климент Охридски“, воведува нови програми за младите да останат да работат во Битола

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска се обрати на Отворениот ден на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, кој се одржа по повод 44-годишнината од формирањето на оваа високообразовна установа.

– Чест ми е што денеска стојам пред вас и како професорка по англиски јазик на УКЛО и како министерка за култура. Задоволство ми е да ви пожелам добредојде на Отворениот ден на Универзитетот, кој ветува дека ќе биде настан за паметење под мотото „Нови перспективи“. Овој настан е одличен пример за партиципативен пристап и активно партнерство кое обезбедува средина за поддржување на младите и студентите да останат во Битола и да ги направат своите вештини достапни за локалната заедница – рече Костадиновска-Стојчевска, која е и професорка на овој реномиран Универзитет.

Костадиновска-Стојчевска ја нагласи посветеноста за квалитетно образование и квалитетен начин на живот за идните и за сегашните студенти и, како што рече, Универзитетот има специфична, хетерогена образовна понуда која опфаќа различни научни дисциплини.

Таа информираше за програмата со која Универзитетот се поврзува со бизнис-заедницата преку промоција на отворени работни позиции за невработени лица.

– Оваа програма придонесува за мотивирање на младите да останат во Битола и да студираат на УКЛО, да се образоваат, да започнат сопствен бизнис и/или да се вклучат во образовни програми и да работат на сопствениот растеж и развој на кариерата – додаде Костадиновска-Стојчевска.

На настанот беа потпишани и меморандуми за соработка со компанија која стипендира студенти на УКЛО и со неколку организации со кои се продлабочува соработката.

Под мотото „Нови перспективи“, во рамките на Отворениот ден се одржаа и музички настапи на повеќе бендови и диџеи, а Универзитетското радио УКЛО ФМ емитуваше своја програма.

Можеби ќе ве интересира

Важни информации за возачите кои вечерва се движат со своите возила низ Македонија

ДЕСК

ПОДГОТВЕТЕ СЕ ЗА ОБИЛНИ ВРНЕЖИ ОД ДОЖД, А ЌЕ ТРУПА И СНЕГ: Метеоцентар објави најнова прогноза за времето во следните 4 дена

ДЕСК

Сточарите и земјоделците излегуваат на протест поради колапс на земјоделството

ДЕСК