Групата од Иран и Русија, која ги правела лажните дојави за бомби во Македонија, е лоцирана, се работи на вештачење на материјалите по што ќе следува и поднесување кривични пријави, извести денес министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Повеќе детали за групата, за начинот на кој била лоцирана и кому сè му испратила закани за бомби министерот Спасовски најави по завршувањето на истрагата.
„Имаме лоцирано една група. Во моментот се работи на вештачењето на материјалите и потврдување на доказите за да може да бидат поднесени кривичните пријави. На тој начин дел од тие криминални активности за дојавите за бомби ќе биде целосно расчистен и затворен. Тие се лоцирани врз основа на преземени криминалистички активности од страна на секторот за борба против тероризмот, секторот за компјутерски криминал и секторот за меѓународна полициска соработка. На самиот почеток, кога почнаа ваквите напади, изјавивме дека секојдневно работиме заедно со сите меѓународни релевантни фактори. Целосните детали ќе можеме да ги соопштиме кога ќе заврши обезбедувањето на доказите и поднесувањето на кривичните пријави“, рече министерот Спасовски по денешната конференција „Зајакнување на отпорност и подобрување на капацитетите за одговор на хибридните закани“ .
Тој најавува дека вештачењето прецизно ќе покаже во кој период биле лажните дојави и кон кои институции иако е извесно дека со оваа истрага се опфатени дојавите од јануари годинава кога беа интензивирани нападите.
„Во моментот не можам да кажам колкава ќе биде бројката зашто вештачењата не се завршени до крај, а од тие вештачења ќе знаеме точно за кои напади, кој временски период и кон кои институции тоа е упатено.
Секако дека добар дел од овие напади, претежно мислам дека нападите од јануари оваа година кога беа интензивирани, ќе биде затворен, но да почекаме за да знаеме точно колку проценти. И претходно поднесовме пет кривични пријави, некои се за заканите во училиштата во Скопје, целосно е расчистен случајот за дојавите во Кавадарци, целосно се расчистени случаите за дојавите во Делчево и Тетово“, рече министерот Спасовски.
Тој уверува дека повеќе не стигнуваат дојави за бомби во училиштата по одлуката за дојавите да не се јавува преку медиумите.
МВР во соработка со експерти од странство работи и на истрага за нападот на Фондот за здравствено осигурување кога податоците на сите здравствени осигуреници беа недостапни за институциите.