23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈАТОП ВЕСТИ

Студенти на гости во МНР: Османи им овозможи да бидат дипломати на еден ден

„Дипломатијата не е само работа, тоа е начин на живот кој бара емпатија, креативност и храброст“, истакна претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи пред студентите кои денеска беа гости во Министерството за надворешни работи. Тема на посетата беа приоритетите на Северна Македонија во рамки на Претседателството со ОБСЕ, дипломатската агенда за 2023 година, како и фокусот на младите кога станува збор за иднината.

„Ова е мојот втор дом, тука се одвиваат сите процеси важни за државата и нејзиното претставување на меѓународен план. Како идни лидери, вие имате клучна улога во обликувањето на подобра иднина за сите и верувам дека ова искуство ќе ви помогне да станете посвесни, информирани и поодговорни граѓани“, рече Османи.

Тој во текот на разговорот со студентите истакна дека мислењата на младите и граѓанскиот сектор се клучни при креирање на политиките, во контекст на мотото на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ „За луѓето се работи“.

„Нашата самодовербата како земја претседавач со ОБСЕ е многу значајна, затоа што од земја која што барала поддршка и помош, ние станавме земја која нуди решенија и дава значаен придонес за меѓународната политика“, истакна Османи пред студентите.

Министерот при отворениот разговор со студентите направи компарација помеѓу своите две професии, хирург и дипломат.

„Кога ќе направам паралела на моите професии, можам да кажам дека во хирургијата скалпелот е инструментот, а во дипломатијата зборот е инструментот. Затоа е многу важно да го одржуваме зборот, бидејќи тоа е нашиот алат“, рече Османи.

Студентите се интересираа и за тоа колку претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ ќе придонесе за унапредување на човековите права, но и како истото ќе влијае нашата земјата да добие подобра позиција во преговорите со Европската Унија.

„Ние како студенти по политички науки и дипломатија сме свесни и знаеме колку е важно да бидеме дел од Европска Унија и од ОБСЕ и би сакала и другите млади да имаат можност одблиску да видат дека процесите што се одвиваат на полето на надворешната политика се важни и ќе придонесат за наш напредок“, истакнаа студентите во разговорот со Османи.

Османи нагласи дека ставот на студентите за актуелните меѓународни прашања, како и за позицијата на Северна Македонија во геополитичките случувања се важни за обликувањето на насоката во која ќе се движи земјата.