Не се продава државното земјиште во поранешната фабрика Треска. Остра реакција од Општина Центар, за веќе познатите тези на Јана Белчева и „Шанса за Центар“, кои денеска повторно излегоа со обвинувања дека во поранешната фабрика Општината продавала државно земјиште за да се гради. Од Центар обвинија дека Белчева свесно манипулира со јавноста. Не само што не се продава државно земјиште туку Општината прецизно бара уредување на просторот и задолжително зеленило на секоја градежна парцела и тоа повеќе од законскиот минимум.
„На површина од 41.000 м2, 47% е државно земјиште, од кое само околу 10% се предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк“ се вели во реакцијата на Општината.
Од Општина Центар велат дека освен задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%, ќе има зеленило како партерно уредување.
„Во тој опфат има и државно земјиште кое би сакале да го реализираме со цел и намена од која корист би имале сите центарци. Тука би имало многу повеќе зеленило кое не е планирано со ДУП-от, а кое ќе го надминува и законскиот минимум“ се вели во реакцијата на Општина Центар.