Поради специфичноста, предметот за коридорот 8 ќе го работи посебен тим и од советници и од членови на комисијата и ќе му се даде особено значење и внимание со цел вистината да излезе на виделина, рече претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска, на годишната конференција за оценка на остварувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.
„ Во фаза сме на прибирање на сите потребни документации, дел ги имаме добиено, останатите ги очекуваме. Поради специфичноста на предметот овој предмет ќе го работи тим и од советници и од членови на Комисијата, значи ќе му дадеме особено значење и внимание се со цел вистината да ја извадиме на виделина и резултаите ќе ги соопштиме на јавна седница, изјави Ивановска.
Крајно време е според неа, сите да се разбудат и да преземат нешто за подобрување на состојбите во државата. Таа истакна дека само 10 проценти од планираните активности од акцискиот план се завршени во 2022 година, а причината за оваа ниска реализација смета дека се слабата посветеност на институциите, но и честите менувања на раководните структури.
„ Имате институции со сменети тројца четворица министри во периодот додека се спроведува националната стратегија и сето тоа во услови кога не постои доволно професионална администрација благодарение на политичките влијаниеја при вработувањето и затоа резултатите се такви какви што се“, рече Ивановска.
Таа ги нагласи и ризиците од корупција кои што се исто така детектирани. Меѓу најзначајните ги издвои отсуството на интегритет, силното политичко влијание особено при вработувањата, преку познатите канали на непотизам и клиентализам, неказнивоста, отсуството на целосна транспарентност придонесуваат да се донесе една ваква состојба во државата.