Богатството на Бернард Арно, најбогатиот човек на светот, за прв пат надмина 200 милијарди долари бидејќи акциите во неговата империја за луксузни стоки „LVMH“ достигнаа рекордно високо ниво.
74-годишникот стана третиот човек во историјата кој има богатство проценето над границата од 200 милијарди долари.
Илон Маск од Тесла и Џеф Безос од Амазон веќе ја достигнаа таа граница пред нивното богатство да се намали поради падот на цените на акциите на технолошките компании. Богатството на Арно вчера се зголеми за 2,4 милијарди долари на 201 милијарда долари, според индексот на милијардери на Блумберг, кој се ажурира секојдневно.
Неговото богатство се зголеми за вкупно 39 милијарди долари оваа година бидејќи акциите на „LVMH“ пораснаа за 30%, благодарение на зголемената побарувачка за луксузни стоки меѓу богатите во светот.
Францускиот милијардер е 25 милијарди долари побогат од Маск, чие богатство е намалено со купувањето на Твитер од 44 милијарди долари и падот на вредноста на компанијата за електрични автомобили „Тесла“ за 50 отсто во изминатата година.
Безос, кој беше првиот човек кој достигна граница од 200 милијарди долари во август 2020 година, е трет најбогат човек во светот со богатство од 128 милијарди долари. Арно е претседател и главен извршен директор на „LVMH“, империја која ги вклучува Луј Витон, Кристијан Диор и шампањот „Moët & Chandon“.
Арно неодамна ги назначи своите деца на клучни улоги во бизнисот.