Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска на брифинг со уредници и новинари информираше за процесот на модернизација и опремување на Армијата со кој во континуитет се менува ликот на Армијата и се зголемува нејзината борбена готовност.
Зборувајќи за модернизацијата, за која рече дека е од најголем обем во изминатите децении, министерката порача дека станува збор за сеопфатни повеќегодишни проекти со кои стандардите на НАТО се воведуваат и во македонската Армија.
Изјавата на министерката Петровска дадена по брифингот, ви ја пренесуваме во целост:
„Еден од приоритетните процеси на кои сме како министерка, како министерство и како Генералштаб на Армијата целосно посветени и горди е процесот на модернизација и опремување на Армијата. Една третина од одбранбениот Буџет кој годинава изнесува рекордни 275 милиони евра е наменет за модернизација. Тоа е несомнен гарант дека нема да има застој во модернизацијата и дека сето она што било планирано се реализира, модернизацијата за која детално бевте информирани и од началникот на Генералштабот и од директорот на Генералштабот, опфаќа неколку повеќегодишни проекти кои целосно го менуваат ликот на Армијата. Велиме дека Армијата е во НАТО, меѓутоа и НАТО со своите стандарди, најмодерна и најсофистицирана опрема влегува во Армијата.
Проектите се навистина сеопфатни! Набавуваме оклопни возила од типот на JLTV Oshkosh, дел се веќе пристигнати, дел ќе пристигнат во повеќе наврати. Набавуваме оклопни транспортери Stryker како и францускиот систем за противвоздушна одбрана за мали височини, MISTRAL 3.
Го потпишавме и договорот за набавка на артилериски системи од сојузничка Турција. Два транспортни хеликоптери на Армијата Ми-8 се во фаза на ремонтирање, во соработка со Чешка.
Во предзавршна фаза сме на анализа на набавка на 8 повеќе наменски хеликоптери за што се пристигнати 5 понуди од различни земји. Нашата намера е со сите овие набавки да одиме согласно принципот на договор Влада со Влада, како гарант дека овие договори се ослободени од сомнеж по било кој основ, вклучително и сомнежот за корупција.
Зборувавме и за нашите донации за одбрана на Украина, вклучително и за последната одлука за донирање на 12 борбени хеликоптери за што владата донесе одлука пред два дена. Сите досегашни донации се донесени врз основа на стручното тело Генералштабот на Армијата и се разбира се во согласност со нашите стратешки планови и долгорочниот план за развој на одбранбените способности.
Армијата се трансформира, Армијата се модернизира и опремува со најсофистицирано вооружување и затоа во нејзиниот состав нема место за опрема која е произведена во 1984 година и која со години и години стои само како бројка, а всушност е со истечен ресурс. Борбената готовност не се намалува на никаков начин, напротив со сите овие процеси од кои ги гледаме и резултатите, таа станува посилна и поопремена во гарантирањето на безбедноста на секој граѓанин на Северна Македонија.
Решивме да бидеме и ефикасни и прагматични, да ја донираме опремата која согласно трансформацијата и формацијата не ни е потребна и доколку не го сториме тоа за одреден период, ќе мораме да ја платиме за да ја уништиме, а ја дониравме онаму каде што е најпотребно, во одбрана на земја која е брутално нападната.
Северна Македонија на овој начин го засили својот углед и својата позиција како сојузник кој нуди не само декларативна, туку и реална поддршка во почитувањата на меѓународните принципи и норми.
Драго ми е дека тоа го видоа и препознаа и нашите сојузници, САД кои за само една година одобрија и го поддржаа токму опремувањето и модернизацијата на македонската Армија со над 135 милиони долари, што ако споредиме е неколкукратно повеќе од вредноста на донираната опрема.
Благодарност до Генералштабот, до вработените во Министерството за одбрана кои навистина се посветени на сите овие процеси и го менуваат ликот на Армијата“, рече министерката Петровска.
На прашањето дали со одлуките за воена помош на Украина се нарушува борбената готовност на Армијата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, истакна дека тој и Генералштабот стојат целосно зад одлуките кои беа предложени на Министерството и донесени од страна на Владата и дека со тие донации на никој начин не се нарушува борбената готовност на Армијата.
„Апсолутно со ништо никогаш не е нарушена борбената готовност на нашата Армија, впрочем се ослободивме од источно вооружување и опрема кое е старо, неперспективно и нефункционално, а од друга страна ја модернизираме Армијата, значително ја подобруваме борбената готовност и интероперабилност со нашите сојузници во НАТО“, рече генералот Ѓурчиновски.
На брифингот присуствуваа и учествуваа и заменикот-министер Тирон Јајага и директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски.
камера: Александар Ризински
монтажа: Ариан Мехмети
извор Цивилмедиа.мк