27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Бектеши и Ѓедовиќ потпишаа меморандум за соработка во рударството и енергетиката

Министерот за економија, Крешник Бектеши, и министерската за рударство и енергетика на Србија, Дубравка Ѓедовиќ, денеска во Белград потпишаа меморандум за соработка во рударството и енергетиката помеѓу Северна Македонија и Србија.

Целта на овој меморандум е проширување на заедничките активности на Северна Македонија и Србија во областа на рударството и енергетиката во обострана корист.

Со меморандумот двете држави се обврзуваат да спроведуваат активности за развој на соработка и деловни односи во областа на рударството и енергијата во согласност со националното законодавство на нивните земји и принципите на меѓусебно почитување и уважување, особено користејќи ги придобивките од меѓусебните односи, кои произлегуваат од меморандумот потпишан во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ и овој меморандум.

Соработката меѓу Северна Македонија и Србија во областа на рударството ги вклучува: поттикнување на инвестициите на двете земји во областа на геолошките истражувања и експлоатација на минерални суровини и геотермални ресурси, иницирање и поттикнување меѓусебна соработка на институциите и деловните субјекти од областа на геологијата и рударството со посебен акцент на почистите технологии и одржливиот развој, размена на информации и искуства за законските решенија од областа на геологијата и рударството, како и нивната примена, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, размена на експерти и професионални искуства од областа на геологијата и рударството.

Соработката меѓу двете земји во областа на енергетиката ги вклучува поттикнувањето и поддршката на заедничките инвестиции од двете земји, особено за градење капацитети за користење обновливи извори на енергија, производство на енергија и меѓусебно поврзување на системите за гас и електрична енергија на страните, поттикнување заедничко научно и технолошко истражување во областа на новите почисти технологии, особено оние што се однесуваат на производството и употребата на зелен водород, размена на информации за нормите што ја регулираат областа на енергетиката, организација на заеднички семинари, конференции, тркалезни маси и форуми за обуки и развојни програми од областа на енергетиката, координирано учество во активностите што се спроведуваат за регионална соработка и интеграција, поттикнување, креирање и подобрување на деловните односи и директна соработка на развојот на конкретни проекти меѓу деловните субјекти што ги именуваат страните од областа на енергетиката.